Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образованието ќе утврдат по кои учебници ќе учат седмоодделенците во претстојната учебна година, бидејќи до 1 септември не ќе може да се отпечатат нови, согласно новите наставни од Концепцијата за основно образование.
Министерката Весна Јаневска изјави дека деновиве ќе информираат како ќе учат основците во седмо одделение, посочувајќи дека иако било соопштено дека учебници на 1 септември ќе има и за седмо одделение, „фактичката состојба е сосема различна“.
„Волшебно стапче да имаме, ние до септември како Влада не можеме да стигнеме да обезбедиме учебници за во седмо одделение. Ниту еден учебник за седмо одделение не е даден во печат. Не само што не се дадени во печат, огромен број од нив не се одобрени. Некои не се ни напишани, значи не е креиран учебникот. Некои не поминале рецензија“, изјави Јаневска пред отворањето на конференција за инклузивно образование организирана од Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Видете и ова: На распуст без учебници – неизвесност и во второто полугодиеВо моментот се водат разговори со Бирото за развој на образованието за да се надмине проблемот, а решението веројатно е учениците од седмо и наредната година да учат од старите учебници, односно тие што биле досега во употреба.
Доколку законот, не дозволува, Јаневска најавува одложување на примената на Концепцијата за преостанатите одделенија - седмо, осмо и деветто, за одреден период.
Министерката Јаневска додаде дека наставниците ќе треба да бидат подготвени да им ги предаваат темите со тоа што ќе обезбедат одредени наставни материјали од кои децата ќе учат, и да им посочат друга, интернет литература.