Членките на НАТО одлучија да испратат специјален пратеник во Киев, со што ќе го прошират цивилното присуство на западната одбранбена алијанса во Украина, потврди портпаролот на НАТО за агенцијата ДПА.
Високиот функционер ќе има задача да ја координира политичката и практичната поддршка на алијансата на терен додека Украина продолжува да се брани од руска инвазија.
Одлуката доаѓа пред самитот на НАТО кој треба да се одржи од 9 до 11 јули во Вашингтон, каде што се очекува лидерите официјално да го усвојат планот на Алијансата за воена координација на помошта за Украина во рамките на формалната мисија наречена НАТО безбедносна помош и обука за Украина.
НАТО има официјално претставништво во Киев речиси една деценија, вклучително и канцеларија за врски и центар за информации и документација кој постои од доцните 90-ти.
Таа канцеларија, меѓу другото, се занимава со контакти со украинските власти и има за цел да промовира политички дијалог и практична соработка. Ставот на НАТО е дека Алијансата не е страна во конфликтот меѓу Русија и Украина.
Новата формална мисија на НАТО, која исто така ќе ја надгледува обуката на украинските војници во земјите на Алијансата, беше формирана додека лидерите размислуваат за исходот од претстојните претседателски избори во Соединетите Држави.
Досега, членките на НАТО ја координираа воената помош не преку самиот на НАТО, туку преку Контакт групата за Украина, која ја предводат САД.
Потпирањето на Контакт групата на американската координација ги загрижи европските сојузници дека улогата на САД би можела да ослабне, доколку претседателските избори во ноември го вратат Доналд Трамп во Белата куќа, бидејќи се сомневаат во неговата подготвеност да ги поддржи воените напори на Украина.