Се укинуваат економските директори на јавните здравствени установи, соопшти Владата на Северна Македонија по седницата одржана на 2 јули.
За таа цел ќе се направат измени во Законот за здравствена заштита кои поминаа на денешната владина седница, а ќе треба да бидат изгласани и во Собранието.
„Ќе се укине постоењето на две управувачки позиции – организациски и медицински директор кои досега беа присутни во здравствените домови со над 1.000 вработени, универзитетските клинички центри, универзитетските клиники, клиничките болници и институтите. На овој начин ќе се одбегне дуализмот и прецизно ќе се лоцира одговорноста во менаџирањето на институциите“, велат од Владата.
По изгласувањето во Собранието и стапувањето на сила на измените, со овие установи ќе раководи само еден директор, кој ќе биде одговорен за организацијата и работењето на установата, како и за законитоста на работењето.
Видете и ова: Таравари: Измени на законот за здравство испратени до ВладаОд Владата велат дека со промената се надеваат оти „ќе се подобрат условите и квалитетот на здравствените услуги за граѓаните, овозможувајќи поголема транспарентност и отчетност во работата на здравствените установи“.
Новиот министер за здравство Арбен Таравари на 28 јуни соопшти дека ваквите предлог-измени во Законот за здравствена заштита се готови и се испратени до Владата.
Покрај укинувањето на економските директори, новата власт најави дека во рок од една година ќе направи и реорганизација на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје односно дека клиниките во овој комплекс ќе се спојат во една болница.