Црвеното ниво на безбедност во Србија ќе продолжи уште некое време и сите безбедносни служби во државата работат на откривање на верските екстремистички ќелии, изјави денеска (2 јули) српскиот премиер Милош Вучевиќ.
Во изјава за медиуми тој додаде дека на целата територија на Србија, полицијата и БИА (Безбедносно информативна агенција) спроведуваат акција за уништување на сите екстремистички ќелии.
„Тие спроведуваат понатамошни дејствија за разбивање на сите оние ќелии на екстремни верски организации кои ја злоупотребуваат религијата и верата заради постигнување одредени екстремни политички и терористички цели. Тие активности се вршат на територијата на цела Република Србија, освен во Косово и Метохија, и нагласувам дека тие активности не се насочени против ниту една етничка или верска група“, нагласи Вучевиќ.
Видете и ова: Вучиќ тврди дека напаѓачот на израелската амбасада бил добро обучен, претреси на неколку локацииТој им порача на припадниците на муслиманската вероисповед да не се чувствуваат загрозени и ги замоли сите кои не припаѓаат на таа вероисповед да не ги гледаат своите соседи и сонародници како опасност.
„Црвеното ниво на опасност ќе трае уште неколку дена и затоа е важно да не се даваат непримерни изјави на Бошњаците, бидејќи ова не е лов на нив, ова е борба против тероризмот. Ова не е напад на државата, но ова е напад на наш граѓанин врз полицаец од нашата држава. Мислам дека ова е изолиран случај, но не можам да гарантирам дека ова нема да поттикне некој друг“, рече Вучевиќ.
Пред неколку дена, лице од Младеновац, со верско име Салахудин, кој се преселил да живее во Нови Пазар, застрела припадник на српската Жандармерија на безбедносна должност во израелската амбасада. Српскиот вицепремиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ изјави дека нападот врз припадникот на Жандармеријата се третира како акт на тероризам.