Унгарскиот премиер Виктор Орбан e во прва официјална посета на Украина откако Русија ја нападна земјата пред повеќе од две години.
Орбан, кој од сите европски лидери има најтопли односи со рускиот претседател Владимир Путин, дојде еден ден откако Унгарија го презеде ротирачкото шестмесечно претседавање со Советот на ЕУ. Тоа е и негова прва посета на Киев по повеќе од една деценија.
„Целта на унгарското претседателство (со Советот на ЕУ) е да придонесе за решавање на предизвиците со кои се соочува Европската Унија. Затоа моето прво патување беше во Киев“, напиша Орбан на Фејсбук под фотографијата на која се ракува со Зеленски.
Портпаролот на Орбан, Берталан Хаваси, за Ројтерс изјави дека двајцата водачи ќе разговараат за билатералните односи, велејќи дека „најважната тема на разговор е шансата да се создаде мир“. Повеќе детали не даде.
Зеленски и Орбан се очекува да дадат изјави за новинарите подоцна во вторник.
Орбан е водечки критичар на западната воена помош за Киев и еден од ретките западни лидери кои се сретнаа со рускиот претседател Владимир Путин од почетокот на неговата агресија против Украина.
Унгарскиот премиер се смета за најблизок сојузник на Путин меѓу лидерите на ЕУ и често се спротивставува на иницијативите на ЕУ за поддршка на Украина во одбраната од руската агресија. Минатата година Орбан му кажа на Путин дека Унгарија никогаш не сака да се соочи со Русија.
На почетокот на 2024 година, на лидерите на ЕУ им беа потребни недели да го поништат ветото на унгарскиот премиер и да дадат нова помош од 50 милијарди евра за Украина.
Националистичкиот унгарски лидер, кој е на власт од 2010 година, исто така го осуди потегот на Брисел да отвори официјални преговори за членство со Украина, иако се воздржа од вето на одлуката.
Заладени односи
Унгарија отворено се противи на санкциите против Русија, иако досега само се обидуваше да ги суспендира мерките на ЕУ, а не и директно да ги блокира.
Зеленски во понеделникот рече дека сака Унгарија да биде „ефикасна во промовирањето на нашите заеднички европски вредности, цели и интереси“.
„Како што напредува на својот пат кон ЕУ, Украина е подготвена да придонесе во тие напори и да ја зајакне нашата Европа“, рече Зеленски.
Иако ја дели границата со Украина, Унгарија, исто така, прими значително помалку бегалци од повеќето членки на ЕУ.
Односите меѓу Орбан и Зеленски се ладни од почетокот на војната.
Видете и ова: Што може да се очекува од унгарското претседателство со ЕУ?Откако доби нов мандат на изборите во април 2022 година, Орбан рече дека украинскиот лидер бил „противник“ што успеал да го победи во кампањата.
Зеленски лично го повика Орбан за недостиг на поддршка за Киев во деновите по инвазијата на Русија, но позицијата на Будимпешта се чини дека се зацврсти за време на војната, која сега е трета година.
Во декември, на инаугурацијата на аргентинскиот претседател Хавиер Мајли, Зеленски побара да има „искрен“ разговор со унгарскиот лидер. На видеата кои кружат на интернет се гледа како тие тензично разговараат, додека Орбан стои со грб кон ѕидот, а Зеленски стои пред него.
Унгарија има огромно влијание врз западната поддршка за Украина со оглед на нејзиното членство во ЕУ и НАТО, што и дава можност да ги спречи, одложи, намали или целосно да ги блокира иницијативите и финансирањето за поддршка на Киев.
Тензиите меѓу Киев и Будимпешта започнаа пред руската инвазија поради унгарското незадоволство од политиката на украинскиот јазик. Повеќе од 100.000 етнички Унгарци живеат во Украина, повеќето од нив во западниот регион Закарпатија, кој беше дел од Унгарија до крајот на Првата светска војна.