Кинескиот претседател Си Џинпинг во вторник (2 јули) пристигна во официјална посета на Казахстан, при што ќе присуствува и на состанокот на Шангајската организација за соработка во Астана.
Деветчлената Шангајска организација за соработка, која покрива огромен дел од светот од Москва до Пекинг, вклучува околу половина од светското население.
Нејзини постојани членки се Казахстан, Индија, Кина, Киргистан, Пакистан, Русија, Таџикистан, Узбекистан и од минатата година Иран.
Се очекува оваа година да се приклучи и Белорусија, откако на самитот на Шангајската организација за соработка во 2023 година и беше кажано дека ќе стане членка.
„Кинескиот претседател Си Џинпинг пристигна овде во вторник, на 24-тиот состанок на Советот на шефови на држави на Шангајската организација за соработка и државна посета на Казахстан“, објави кинеската државна новинска агенција Ксинхуа од Астана.
Кинеската државна телевизија CCTV соопшти дека авионот на Си бил придружуван од два казахстански борбени авиони кога влегол во воздушниот простор на земјата. Ксинхуа објави дека Си е придружуван од Каи Чи, висок функционер на кинеската Комунистичка партија и министерот за надворешни работи Ванг Ји.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи Мао Нинг во понеделникот рече дека Пекинг верува дека самитот на Шангајската организација за соработка „ќе помогне да се изгради поголем консензус меѓу сите страни и ќе придонесе за подобрување на безбедноста, стабилноста и развојот на земјите-членки“ како и дека ќе унапреди „траен мир и заеднички просперитет во светот".
Видете и ова: Путин и Си ги фалат односите како „стабилизирачка“ сила на меѓународната сценаЗа време на неговата петта посета на Казахстан, Си ќе разговара со претседателот Касим-Жомарт Токаев „за билатералните односи, соработката во клучните области и регионалната и меѓународната средина“, рече Мао.
Потоа тој ќе отпатува во Таџикистан во неговата втора државна посета на западниот сосед на Кина, каде што ќе „направи нови планови за раст на кинеско-таџикистанските односи“ со претседателот Емомали Рахмон, изјави портпаролката на Министерството за надворешни работи.
Пекинг ги засили дипломатските напори во Централна Азија, а Си повика на продлабочување на економските врски за време на самитот чиј домаќин беше Кина минатиот мај, а на кој присуствуваа лидерите на неколку земји во регионот.
Централна Азија е виталната врска во големиот меѓународен кинески инфраструктурен проект „Појас и пат“.
Видете и ова: Кина ги користи инвестициите за да купува политичко влијание во ЕвропаПекинг се обиде да ја пополни празнината во регионот создадена со инвазијата на Москва на Украина во 2022 година, бидејќи поранешните советски држави се загрижени за сè повоинствената Русија.
По состанокот во Астана, Кина ќе го преземе ротирачкото претседавање со Шангајската организација за соработка во периодот 2024-2025 година.