Украинскиот снабдувач со електрична енергија Укренерхо предупреди на прекини на струја и други ограничувања на 1 јули поради руските напади врз енергетската инфраструктура, но и зголемената побарувачка поради високите летни температури.
Предупредувањето дојде откако украинските воздухопловни сили издадоа предупредување за ракетен и воздушен напад за повеќето региони на Украина, вклучително и главниот град Киев, и откако најмалку седум цивили беа повредени во напад на руско беспилотно летало во текот на ноќта во реонот на Днепар.
Во регионот на Киев, три лица, меѓу кои и едно дете, наводно биле повредени во ракетен напад во кој беа оштетени три приватни куќи и неколку возила, објавија властите доцна на 30 јуни.
Истакнувајќи дека на 1 јули се предвидуваат температури над 30 степени Целзиусови за поголемиот дел од земјата, компанијата ги повика Украинците да ја следат потрошувачката и да избегнуваат истовремено користење на уреди кои трошат многу електрична енергија.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Укренерхо додаде дека Украина со електрична енергија се снабдува од Полска, Словачка, Романија, Унгарија и Молдавија.
„Но, поради обемот на штетата од руските напади, овие мерки не се доволни за одржување на рамнотежата во енергетскиот систем“, изјавија тие на Телеграм.
Русија со месеци ја гаѓаше електричната мрежа на Украина, што доведе до чести прекини на струја.
Во март, премиерот Денис Шмихал рече дека 80 отсто од термички генерираниот капацитет за производство на енергија во земјата е уништен.
Во исто време, Министерството за енергетика соопшти дека термоелектраните под контрола на Центроенерхо и Укрхидроенерхо се тешко оштетени.
Минатиот месец претседателот Володимир Зеленски побара од Европската унија да го зголеми извозот на електрична енергија во Украина, како и да испрати потребна опрема и други ресурси за поправки.