До крајот на 2024 година хирурките сали на Клиничкиот центар во Скопје нема да функционираат нормално, според најавите на новиот министер за здравство Арбен Таравар. Тој денеска изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите, но и дека ако е потребно ќе се обиде да се најде начин за реновирање и на салите во болницата „8 Септември“.
„Полека се наоѓа решение за проблемот со хируршките сали на Клиничкиот центар. Веќе е објавен тендер за компересорите кои не работат. Максимум времето до кога треба да се поправи и да се завршат и да се вратат во функција се надевам дека ќе биде крајот на декември. Во меѓувреме ние ќе инсистираме доколку може што поскоро да заврши да бидат функционални салите на Хирургија во Клиничкиот центар, изјави денеска министерот за здраство Арбен Таравари, кој имаше средба со новинарите.
На 18 мај беа затворени дел од хируршките сали поради проблеми со системот за кислород и непријатна миризба. Сега дел од нив работат со надворешни компресори, но тоа не го намалува драстично напливот од пациенти во болниците „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.
Таравари за реновирањето на хируршките сали на ГОБ „8 Септември“, кажа дека таму не бил но оти слушнал оти салите не се во добра состојба.
Видете и ова: Дали големите ветувања ќе го станат здравството од постела?„Дефинитивно и во Клинички центар јас кога бев во салите, навистина не изгледаат добри. Во „8 Септември“ не сум бил да ги видам салите, меѓутоа ми кажуваат дека и таму не се во добра состојба. Меѓутоа, морам да се консултирам и со финансии да видиме како стоиме со финансиски средства. Ако добијам дозвола, јас се надевам дека што побргу што можам, не можам да кажам рок сега, бидејќи ми треба да видам што се можностите. На Клинички центар ќе се обидам што побргу и на „8 Септември“ доколку имаме начин некако да се менаџира плаќањето во неколку години ќе инсистирам и таму да завршиме или да започнеме со реновирање, одговори Таравари.
Владата на седница на 6 јуни донесе одлука опремата на централната компресорска станица да се замени со нова.
Претходникот на Таравари, Илир Демири на прес-конференција на 27 мај кажа дека ќе се чекаат резултати од испитувања во лабораторија во Германија, која треба да утврди што го предизвикува непријатниот мирис во хируршките сали.
Случајот е пријавен и во Јавното обвинителство.