Невладини од регионот со осуда за забрана на фестивал на српскиот и албанскиот народ во Белград

Србија, Протести против фестивалот на современа уметност од Косово - Миредита, добар дан

Околу стотина граѓански организации од регионот ја осудија одлуката на властите во Србија да го забранат фестивалот „Mirëdita, добар ден“.

Во заедничкото соопштение се наведува дека ги поддржуваат колегите од Младинската иницијатива за човекови права и граѓанските иницијативи од Србија, како и Интегра од Косово, чиј фестивал кој промовира пријателство и соработка меѓу српскиот и албанскиот народ во Србија е забранет.

„Ја осудуваме одлуката на властите во Србија да го забранат фестивалот само затоа што беше нападнат од криминални структури, членови на десничарски групи кои ја загрозуваат безбедноста и најбрутално им се закануваат на неговите организатори и учесници“, се вели во него.

Во соопштението се изразува загриженост поради негативниот однос на највисоките претставници на Србија кон фестивалот.

„Ги повикуваме властите на Србија да ја преиспитаат одлуката за забраната, да ги заштитат нашите колеги и да ги санкционираат сите оние кои ја загрозуваат нивната безбедност“, се вели во соопштението потпишано од организации и активисти од Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Северна Македонија, како и од Косово и Србија.

Видете и ова: Коњувца: Во Србија се подготвуваат за можен напад на Косово

Фестивалот „Mirëdita, добар ден“ на 27 јуни во Белград не ни започна кога ултрадесничарските групи се собраа пред просторот каде што требаше да се одржи и го блокираа влезот.

Полицијата, која не била на лице место, набрзо наредила „прекин“ на фестивалот поради „опасност од загрозување на безбедноста“.

Српскиот премиер Милош Вучевиќ изјави дека не ја гледа поентата на фестивалот и дека лично смета дека најдобриот одговор кон организаторите на настанот е „презир“.

Забраната на фестивалот ја осудија некои опозициски партии во Србија, а жалење изрази и Европската унија.
Ден откако беше забранета „Mirëdita, добар ден“, на адреса на Софија Тодоровиќ, една од организаторите на фестивалот, пристигна пакет со заканувачки писмо и отсечена свинска глава.

Писмото во кое се наведува дека „ситуацијата во светот се менува и дека доаѓаат некои други времиња“, го потпишала „Националната патрола“.

Станува збор за нерегистрирана ултрадесничарска организација, позната по антиимигрантските акции и врските со идеолошки блиски групи од Русија.

Првото основно јавно обвинителство во Белград нареди идентификација на лицето кое го испрати пакетот со заканувачката порака.