Министерот за здравство Арбен Таравари денеска (1 јули) изјави дека веќе е објавен тендер за компресорите кои не работат во хируршките сали и најави брзо решавање на проблемот со салите.
„Се надевам дека до крајот на декември ќе се завршат и комплетно и ќе се вратат во функционална состојба хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје. Во меѓувреме ќе инсистираме ако може што поскоро да се случи тоа“, рече Таравари на средба со новинарите.
Одговарајќи на новинарски прашања, министерот истакна дека од она што можел да го види, состојбата со салите на Клиничкиот центар не била добра, а според кажувањата исто е и на Клиниката „8 септември“.
Видете и ова: Владата за состојбата на хируршките клиники: Опремата на централната компресорска станица да се замени со новаТој најави дека по консултација со Министерството за финансии ако добие дозвола, и се изнајде начин плаќањето да се одвива во неколку години, ќе инсистира да почнат со реновирање.
Дел од хируршките сали беа затворени на 18 мај, а некои од причините поради кои не работат салите се непријатниот мирис којшто се ширел низ вентилацискиот систем, како и проблемот со доводот на кислород. Оттогаш, дел од салите работат со надворешни компресори и се оперираат само итни пациенти. Дел се препраќаат во двете други болници во Скопје, ГОБ „8 септември“ и „Св.Наум Охридски“.
Сите останати операции се одложени на неодредено време.
Таравари, меѓу другото, најави дека за најмногу две недели ќе има нова Позитивна листа, но и модернизирање на јавното здравство, мобилни екипи за граѓаните да пријавуваат директно проблеми во здравството, преговори со доктори за работа во периферијата и друго.