Ерменскиот премиер Никол Пашинјан смета дека не е неопходен референдум за пристапување на Ерменија во Европската Унија.
„Да се одржи референдум за да се дознае мислењето на народот (за влез на Ерменија во ЕУ)? Жал ми е, но како ерменски функционер, го знам мислењето на народот на Ерменија, рече Пашинјан на Ерменскиот демократски форум во Ереван, додавајќи дека земјата е подготвена да биде што е можно поблиску до ЕУ“, пренесуваат руските медиуми.
Според него, Ерменија на највисоко ниво веќе ја изразила својата политичка волја да биде што е можно поблиску до ЕУ.
„Доколку верував дека народот на Ерменија не го дели ова мислење немаше да давам такви изјави, а доколку народот на Ерменија беше против тоа тогаш во контекст на изјавата што ја дадов јас, повеќе немаше да бидам премиер“, рече Пашинјан.
Видете и ова: Се врти ли Ерменија кон Западот?Веќе некое време, Ерменија, која важеше за блиска до Русија, ги зајакнува врските со западните земји. Таа ги поздрави граничните набљудувачи на Европската Унија (ЕУ), бидејќи ЕУ го презеде водството во преговорите меѓу Ерменија и Азербејџан за решавање на нивниот конфликт.
Откако Русија ја започна својата инвазија на Украина во февруари 2022 година, Ерменците се чувствуваат предадени од нивниот сојузник, бидејќи руските мировници не покажаа ниту волја, ниту способност да се спротивстават на постојаните напори на Азербејџан да заземе нови територии или да ги подобри постојните позиции.