Разузнавачките служби ќе функционираат како една агенција

илустрација

Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност ќе се спојат и ќе функционираат како една агенција, најави денеска премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за тоа кој е планот на новата Влада за разузнавачките служби.

„Агенцијата за разузнавање и Агенцијата за национална безбедност да се спојат и да се фузионираат во една агенција и тоа можам да кажам дека ќе биде процес којшто ќе трае неколку месеци. Очекувам да заврши успешно во Парламентот“, изјави Мицкоски.

Видете и ова: Сиљановска Давкова го разреши Муслиу, тој ја обвини дека попуштила пред политичките притисоци

Ваков тип на спојување на служби имаат направено многу држави што се земји - членки на НАТО. Меѓу нив, како што појасни Мицкоски, во соседството се Република Словенија на крајот на деведесеттите години, потоа Република Хрватска на почетокот од овој милениум.

Мицкоски најави дека тоа е дел од Програмата на Владата и оти тоа ќе биде направено во месеците коишто следат.

Пред неколку дена претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ги разреши досегашниот директор на Агенцијата за разузнавање Еролд Муслиу и заменичката директорка во Агенцијата, Александра Бакреска-Додовска. На место на Муслиу е назначена Габриела Јаковлева, која, според соопштението од Кабинетот, доаѓа од редовите на Агенцијата.