Вкупно 12.609 членови на СДСМ излегле да гласаат до 19:45 часот на изборите за претседател на СДСМ на 30 јуни, на кои има тројца кандидати. Тоа е 54 отсто од вкупно запишаните во избирачкиот список, изјави претседателката на Централната изборна комисија (ЦИК), Викторија Аврамовска Мадиќ, која го оцени процесот како демократски и успешен.
Таа рече дека во Студеничани е констатирано дека предвреме е затворено избирачкото место од страна на Општинската изборна комисија и поради тоа Централната изборна комисија одлучила да го поништи гласањето.
Во Студеничани биле акредитирани 66 гласачи, а до моментот на затворање на избирачкото место гласале 51 гласач, со тоа што констатирано е дека оваа бројка нема да влијае на конечниот резултат.
Прекин на гласањето на 10 минути имало и во Гевгелија, затоа што член на СДСМ ја скршил избирачката кутија. Кутијата е сменета и гласањето е продолжено во најдобар ред, рече претседателката на ЦИК.
Како што рече Аврамовска Мадиќ, прифатени се приговори во шест општински организации на седум членови на кои им се овозможило гласање, иако не биле во избирачкиот список, затоа што тие членови се акредитирале и се регистрирале во системот за активна регистрација.
Вкупно 44 членови од девет различни општини доставиле пријава до Централната изборна комисија да им биде овозможено да гласаат. Приговорите се одбиени поради тоа што по проверка во системот се констатирало дека не се акредитирани преку активна регистрација.
Аврамовска Мадиќ рече дека овие примери немаат речиси никакво влијание на целиот процес, но во името на транспарентноста и информирањето на членовите и на јавноста Централната изборна комисија одлучила да ги соопшти.
Видете и ова: Славјанка Петровска ја повлекува кандидатурата за претседателка на СДСМГласањето за нов претседател на СДСМ се одвиваше на 77 избирачки места. Правото на глас можеа да го искористат 23.377 запишани во избирачкиот список.
Во трката за нов лидер на СДСМ се поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во Министерството за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски.
Поранешната министерка за одбрана и актуелна пратеничка Славјанка Петровска, вчера, на еден ден пред изборите ја повлече кандидатурата.
Изборот за нов лидер на СДСМ следува откако поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер Димитар Ковачевски се повлече од лидерската позиција на партијата по поразот на двојните избори што се одржаа на 8 мај, кога СДСМ освои најлош изборен резултат на парламентарните избори (154.447 гласа).
За некој од тројцата кандидати да биде избран за лидер ќе треба да освои 50 отсто плус еден глас од оние членови што ќе излезат да гласаат. Ако тоа не се случи, двајцата со најмногу гласови, ќе се соочат во втор круг на 7 јули.
Мандатот на новиот претседател, според актуелниот партиски статут, ќе биде до март 2025 кога би требало да има редовни избори за лидер кој би добил четиригодишен мандат.