Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека црвената безбедносна тревога најверојатно ќе важи до вторник, 2 јули, по инцидентот во кој напаѓач со самострел рани полицаец пред израелската амбасада во Белград во саботата, на 29 јуни.
„Мислам дека до вторник ќе решиме се и дотогаш се ќе биде во ред“, изјави Вучиќ во гостување на ТВ Прва.
Црвеното ниво на безбедносна закана од тероризам значи дека ќе има зголемено полициско присуство.
Вучиќ изјави и дека „напаѓачот бил исклучително добро обучен“ и дека стрелата ја испукал додека го држел самострелот во чантата, за „нападот да биде сосема неочекуван“. При нападот на Амбасадата, напаѓачот е убиен, а врз него пукал полицаец, кој е ранет и во моментов не е во животна опасност.
Убиениот напаѓач е идентификуван како Милош Жујовиќ, за кого Ивица Дачиќ, српскиот премиер и министер за внатрешни работи, рече дека е „преобратеник од Младеновац“, една од белградските општини.
Полициска акција во саботата беше спроведена и во Нови Пазар, на југозападот на Србија, на околу 270 километри од Белград и местото на нападот, каде што беа извршени претреси на локации за кои се верува дека се поврзани со нападот.
Според агенцијата АП, портпаролот на израелското Министерство за надворешни работи изјавил дека нападот во саботата „беше обид за терористички напад во близина на израелската амбасада во Белград“.
„Утврдено е дека лицето што го изврши терористичкиот напад е Милош Жујовиќ (1999), верско име Салахудин, преобратеник од Младеновац, кој се преселил да живее во Нови Пазар“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Србија.
Министерот за внатрешни работи, Ивица Дачиќ за Српската радио-телевизија (РТС) изјави дека две лица се во притвор и дека акцијата продолжува низ цела Србија. Биле претресени повеќе локации и интервјуирани се десетици лица.
„Обвинителството ќе утврди понатамошни дејствија“, посочи тој, додавајќи дека „синагогата во Белград била можна прва цел на напаѓачите“.
Ден претходно во едно од своите обраќања Дачиќ изјави дека меѓу уапсените е и Игор Деспотовиќ од Белград, кој е „осомничен за терористичко здружување“.
Според соопштението од српското МВР, околу 11 часот на 29 јуни, Жујовиќ со самострел застрелал припадник на Жандармеријата кој бил на безбедносна должност во израелската амбасада, удирајќи го во вратот.
Припадникот на Жандармеријата М.Ј.(1990) во самоодбрана употребил оружје и го победил напаѓачот, кој од здобиените повреди починал.