Украинската служба за итни случаи објави дека бројот на повредени се искачи на повеќе од 30 лица, по рускиот ракетен напад на 29 јуни во кој загинаа седум лица во Вилњанск, во јужниот регион Запорожје.
Службата извести дека пожарите во зградите и во автомобилите се изгаснати, а гувернерот Иван Федоров рече дека меѓу загинатите има две деца, а меѓу десетиците повредени има уште осум деца.
Според првите извештаи, десет лица се повредени во нападот во тој дел на Украина, пишува редакцијата на Радио Слободна Европа на англиски јазик.
Нападот се случи среде силен притисок на руските сили врз украинската армија, долж линијата на бојното поле долга 1.000 километри и засилени воздушни напади.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека големиот руски напад, во кој беше уништен дел од станбена зграда во Днепар на 28 јуни, е дополнителен доказ дека на неговата земја и се потребни повеќе системи за противвоздушна одбрана од нејзините сојузници.
Русија ги засили воздушните напади оваа година во обид да ги исцрпи ресурсите на Украина, често насочени кон енергетските објекти и кон другата витална инфраструктура.
Украинските власти тврдат дека половина од националниот електроенергетски систем е оштетен од руските напади.
Украинскиот генерален штаб синоќа соопшти дека „најжестока“ борбена ситуација се уште е во областа Покровска, во источниот регион Доњецк.
Во меѓувреме, Русија соопшти дека Украина на 29 јуни извршила напади врз Севастопол на Крим, како и врз Курск.
Руското Министерство за вонредни ситуации објави дека четворица негови вработени се повредени во, како што тврдат, украинското гранатирање на Доњецк.
На 29 јуни Русија објави дека го освоила Шуми, населба која се наоѓа на околу седум километри југоисточно од рударскиот град Торецк, во областа Доњецк.