Обединети Нации: Луѓето во Газа живеат во неподносливи услови

Израелско-палестински конфликт

Жителите на Газа се принудени да живеат во бомбардирани згради или кампови покрај огромни купишта ѓубре, изјави портпаролката на Обединетите нации(ОН), пренесе АФП.

Луиз Вотериџ од Агенцијата на ОН за помош и работа за палестинските бегалци, кажа дека условите во кои живеат луѓето во Појасот Газа се неподносливи.

„Денес е полошо од кога било. Не се сомневам дека утре ќе биде уште полошо“, рече таа зборувајќи од Газа.

Таа рече дека е „шокирана“ што се вратила во Кан Јунис во центарот на Газа.

„Сè е во урнатини. А сепак луѓето повторно живеат таму“, рече Вотериџ. Таа детално ја опишала состојбата во која се нашла:

„Нема вода, нема, нема храна. И сега луѓето повторно живеат во овие згради кои се празни школки, со чаршафи што ги покриваат празнините во пукнатините на ѕидовите.

Вотриџ рече дека борбата да се внесе гориво во Газа и безбедно да се дистрибуира има големо влијание врз испораката на хуманитарна помош.

„Без гориво, хуманитарниот одговор е блокиран“, рече таа.

Војната во Газа започна со нападот на Хамас, прогласен за терористичка организација од Соединетите Американски Држави и од Европската Унија на 7 октомври 2023 година врз јужен Израел.

Нападот резултираше со смрт на 1.195 луѓе, од кои повеќето цивили, според извештајот на АФП врз основа на официјалните израелски податоци.

Во одмаздата на Израел загинаа повеќе од 37.700 луѓе, исто така главно цивили, според Министерството за здравство во Газа под контрола на Хамас.