Славјанка Петровска ја повлекува кандидатурата за претседателка на СДСМ

СЕверна Македонија - Славјанка Петровска, кандидатка за претседателка на СДСМ

Кандидатката за претседателка на СДСМ, Славјанка Петровска, ја повлекува кандидатурата на еден ден пред внатрепартиските избори најавени за утре, 29 јуни.

Преку официјално писмо до Централната изборна комисија за претседателските избори во СДСМ, Петровска бара нејзиното име да не стои на избирачкото ливче.

„Сакајќи да го заштитам СДСМ од нелегитимен избор на претседател и да избегнам да бидам соучесник во ова погазување на Статутот ве известувам дека ja повлекувам мојата кандидатура за претседател на СДСМ. Со оглед на тоа дека овој процес за мене е неприфатлив барам моето име да не стои на избирачкото ливче, со цел гласачите да не бидат доведени во заблуда“, напиша Петровска.

Видете и ова: Петровска бара одложување на изборите во СДСМ, во спротивно повикува на бојкот

Во писмото наведува дека и покрај тоа што на состанок со претставници на ЦИК укажала на бројни неправилности, сепак таа не добила никаков одговор што ги побива нејзините тврдења.

„Вчера на состанокот одржан во просториите на СДСМ со преставници на ЦИК информирав за сериозни забелешки во поглед на точноста и легитимноста на Избирачкиот список, злоупотребата на лични податоци на илјадници членови на СДСМ кое продолжи и денес. Како социјалдемократ верувам во искреноста со која треба да се обраќаме кон нашите другари и другарки и затоа сите овие основани и потврдени сомнежи го нарушуваат легитимитетот на овие избори и резултатите“, наведува Петровска.

Петровска во изјава за медиумите вчера ги повика останатите тројца кандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата, бидејќи како што рече, изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата.

Таа, исто така, посочи дека до неа стигнале информации дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече, некој користејќи ги алатките во нивно име ги регистрирал.

Видете и ова: Четворица кандидати кои ќе го враќаат „отуѓениот“ СДСМ кон членството


Во трката за нов лидер на СДСМ остануваат поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски, како и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.

За гласање се пријавија речиси 23.000 членови, што е далеку помалку од првите и вторите непосредни избори кога се броеја и над 60.000 односно 40.000 гласа.

Првпат непосредни избори за претседател на партијата, социјалдемократите спроведоа во март 2021, кога Заев како единствен кандидат освои речиси 60.000 гласа.

За помалку од една година следуваа и вторите на кои победи Димитар Ковачевски откако Заев поднесе оставка по поразот на локалните избори во октомври 2021 година. Тој освои 37.649 гласа, а имаше двајца противкандидати. Еден од нив е и сегашниот кандидат Деспотовски за кого тогаш гласаа 3.319 членови. Трета беше Фросина Ременски со 2.836 гласа.

Покрај Заев и Ковачевски, досегашни претседатели на СДСМ беа и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска и Владо Бучковски.