Прелиминарни податоци од пописот во Албанија за жал не ја отсликуваат соодветно реалната бројка на етнички Македонци во земјата, соопштија од Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија(МНР), откако и македонски друштва во Албанија реагираа за, како што велат, направен груб пописен фалсификат по објавената бројка од пописот за 7. 957 Бугари во Албанија.
Дополнително, Министерството изразува незадоволство и остро реагира на употребата на термин „Северномакедонци“ и употреба на име на земја како супститут за етничка заедница.
„Министерството ќе го повика амбасадорот Данчо Марковски на итни консултации во насока на прецизирање на недостатоците и недоследностите во овој процес, разгледување на можностите за соодветна корекција на направените пропусти и изнаоѓање на најадекватни начини за понатамошно заедничко дејствување и унапредување на билатералните односи со Република Албанија“, пишува во соопштението од МНР.
Претходно реагираше „Друштво Преспа“, организација за заштита на правата на Македонците во Албанија. Според „Друштво Преспа“, во Албанија немало етнички Бугари ниту во еден попис од 1912 до 2023 година.
Според податоците што ги објави албанскиот Институт за статистика ИНСТАТ, во Албанија живеат живеат 2.281 Македонци, а како Бугари се изјасниле 7. 957 лица.
„Изразуваме загриженост на објавата на Институтот за статистика на Албанија дека во Албанија живеат 2. 281 „Северномакедонци‘, иако пописот во 2011 година биле регистрирани (ниту тогаш прифатливи) 5. 512 Македонци. Потсетуваме дека не станува збор за доселеници во Албанија од државата „Северна Македонија‘, која во спротивност со меѓународното право под тоа име постои од 11 јануари 2019 година според договорот меѓу Димитров-Коѕиас од јуни 2018 година, туку за домородно население кое со векови живее во свои домови и на своја автохтона територија“, се вели во реакцијата на „Друштво Преспа“.
„Друштво Преспа“ упатува протест до претседателот, Собранието и Владата на Албанија, зашто според нив, подлегнале на бугарски закани за пристапување на Албанија во Европската Унија.
„Бараме Европската Унија да преземе мерки против Република Бугарија која врши манипулација со Македонците во балканските држави, им дава бугарски пасоши како можност за емиграција во Западна Европа поради сиромаштијата во Албанија, под услов да потпишат писмена изјава дека се ‘Бугари по потекло‘, соопшти организацијата.
Од вкупно попишаните, 2.186 917 се изјасниле како Албанци, 23. 485 како Грци, а 12. 375 како Египќани. Регистрирани се 9. 813 Роми, 2.963 Бошњаци, 2. 459 Власи, 584 Срби, 511 Црногорци. Преостанатите се изјасниле дека припаѓаат на друга етничка група или одбиле да се изјаснат.
Видете и ова: Македонците во Албанија против антимакедонската кампања на БугаријаМакедонците во Албанија претходно реагираа дека Бугарија преку својата амбасада во Тирана подолг период презема повеќе антимакедонски активности, се со цел македонското малцинство да го прикаже како бугарско. Според партијата на Македонците во Албанија и македонските здруженија, антимакедонските активности биле преку давање бугарски пасоши, стипендии и парични средства на етнички Македонци.
Албанија го почна пописот на населението на 18 септември 2023 година.
Албанија во октомври 2017 година официјално призна постоење бугарско национално малцинство во земјата.
Ова е 12 по ред попис откако Албанија беше прогласена за независна држава во 1912 година. Првиот попис бил спроведен во 1923 година, а претпоследниот бил во 2011 година. Планираниот попис за 2021 беше одложен поради пандемијата на Ковид-19, а следната година се одложи бидејќи не биле обезбедени неопходните алатки за собирање информации на терен.