Кандидатката за претседателка на политичката партија СДСМ, Славјанка Петровска, на 28 јуни обвини за злоупотреба на личните податоци на членовите на партијата при ажурирање на членството во пресрет на неделните внатрепартиски избори.
Таа побара од нејзините противкандидати да се откаже внатрепартиското гласање за избор на претседател на партијата кое треба да се одржи во недела, и да се формира привремено партиско раководство кое дополнително ќе ги закаже внатрепартиските избори кога ќе се создадат услови за тоа.
Петровска смета дека изборниот процес бил нефер, односно еден од противкандидатите имал пристап до базата на податоци и ги злоупотребувал личните податоци на членовите на партијата. Таа тврди дека во определени општински организации се појавиле одреден број на гласачи, кои не побарале да бидат регистрирани, односно, како што рече таа, некој користејќи ги алатките, во нивно име ги регистрирал.
„Имав забелешка и за она што пред десетина дена се случи, но за тоа се уште немам одговор, тоа е злоупотребата на личните податоци од страна на еден од кандидатите, кога беа испраќани илјадници пораки користејќи ги тие податоци. Партијата започнала со некој процес на внатрешна истрага како е тоа стигнато, кандидатот дал одговор што за мене не е релевантен. Таков сериозен скандал не смее да биде премолчен, бидејќи тоа влијае кога имате пристап до базата на податоци на сите членови, а тоа го има само еден кандидат, тоа може да влијае сериозно и на процесот и на резултатот“, рече Петровска.
Таа додаде дека нејзиното име ќе биде на избирачкото ливче во недела, бидејќи избирачките материјали се веќе отпечатени, но истакна дека таа лично нема да излезе да гласа.
„Јас ќе се најдам на избирачкото ливче бидејќи се веќе отпечатени материјалите, меѓутоа јас лично нема да излезам да гласам и се разбира мислам дека тоа треба да го направат и останатите, рече Петровска.
Но, претседателката на Централната изборна комисија за избор на претседател на СДСМ, Викторија Аврамовска-Мадиќ, изјавила дека изборите во недела ќе се одржат, додека во врска со забелешките на Петровска рече дека тоа е нејзино право.
„Сега можеме да соопштиме дека избирачкиот список којшто ќе се најде на избирачките места којшто ќе се најде во недела ќе брои 23.373 акредитирани членови на СДСМ и ќе можат да го остварат правото на гласање на 77 избирачки места“, изјави Мадиќ.
Аврамовска-Мадиќ изјаави дека само кандидатката Петровска не доставила предлог-контролори за избирачките места, за разлика од другите тројца кандидати.
Покрај Петровска, кандидати за лидер на партијата се и поранешниот министер за здравство Венко Филипче, директорот на ТИРЗ Јован Деспотовски и поранешниот заменик министер во МИОА, Александар Бајдевски.
До внатрепартиски избори дојде откако актуелното раководство си поднесе оставка по лошите резултати на парламентарните избори на 8 мај, на кои освоила само 154.447 гласа.