Опозициската Демократската унија за интеграција(ДУИ) изрази „неверување и длабока загриженост“ за одлуката на власта да го промени фунционирањето на „балансерот“ со измена на пресметкат за правичната застапеност во институциите.
ДУИ обвинува дека оваа Влада врши директен напад на принципот на правична застапеност, еден од главните столбови на Охридскиот договор.
Во нивното соопштение тврдат дека новата власт ги игнорира последните податоци од пописот според кои вкупното население со албанска етничка припадност изнесува 29,5 отсто од населението, посочувајќи дека според нив, оваа влада одлучила да го врати процентот под 25 отсто, врз основа на пописните податоци од пред 20 години.
„Во меѓувреме, губитниците на изборите и партнерите на Стоилковиќ, заробени и немоќни, немо набљудуваат, но и активно придонесуваат за секојдневно деградирање на положбата на Албанците. Тоа е јасна последица на тоа што тие не се избрани претставници на албанската заедница, туку претпочитан партнер на ВМРО ДПМНЕ, ставајќи ги позициите во преден план, иако добија само трошки од институциите одземени од нивните надлежности“, се вели во соопштението.
Претходно, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски најави укинувањето на балансерот во фази.
„Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот - соодветна и правична застапеност на етничките заедници“, рече Андоновски по денешната средба со новинарите.
Тој нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста, додаде, ќе биде пред изборот на етничка припадност.
Видете и ова: Алиу: Балансерот за етнички вработувања треба да се замениСпоред Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.
Но, тоа донесе и небулози, оти имаше примери кога Македонци се пишуваат Албанци или други заедници и обратно за да се вработат во администрација. Како последици на Договорот, на државно беа вработени таканаречени рамковни вработени, кои повеќе од една деценија беа вработени во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор, земаа плата, но не одеа на работа чекајќи државата да им најде соодветно работно место. Одговорноста за нив потоа ја презеде Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.