Според анкетата објавена во петок, 28 јуни, во весникот Les Echos, два дена пред првиот круг на гласање на парламентарните избори, француската крајнодесничарска партија Националниот собир би можел да освои дури 37 отсто од гласовите.
Тоа е зголемување на популарноста на оваа партија за два процентни поени во споредба со последната анкета, објавена од OpinionWay пред една недела. Според истражувањето од петокот, центристичкиот блок на претседателот Емануел Макрон „Заедно“ може да смета на 20 отсто од гласовите, што е два процентни поени помалку од претходната прогноза.
Левичарскиот сојуз Нов народен фронт достигна 28 отсто од гласовите, исто како и пред една недела.
OpinionWay не направи проекции за пратенички места за следниот состав на францускиот парламент, кои би можеле значително да се разликуваат од истражувањето поради мнозинскиот систем на гласање во два круга.
Телевизијата BFM, во друга анкета составена од Елабе, соопшти дека Национален собир потенцијално би можел да ја премине границата од 289 места за апсолутно мнозинство, ставајќи ја партијата и нејзините сојузници во опсегот од 260-295 места.
Премијата за ризик на француските државни обврзници се искачи на највисоко ниво од кризата во еврозоната во 2012 година.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Конечниот исход ќе биде познат по гласањето на 7 јули и е тешко да се предвиди исходот што во голема мера ќе зависи од степенот до кој ривалите на Национален собир ќе се здружат и ќе ги повлечат сопствените кандидати во вториот круг за да ја блокираат екстремната десница.
Премиерот Габриел Атал го обвини лидерот на Националниот собир Џордан Бардела дека толерира расистички говор во неговиот екстремно десничарски табор. Бардела ги негираше овие наводи.
Макрон го распушти парламентот откако неговата партија освои само 15,7 отсто од гласовите на изборите за Европскиот парламент на почетокот на јуни, а Национален собир освои 32 отсто.