Укинувањето на балансерот ќе оди во фази, најави денеска (28 јуни) министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.
„Во првата фаза ќе се вратиме на законските основи на Пописот од 2021 година, а потоа со закон и промена на методологијата ќе одиме кон целосно укинување на алатката балансер при што целосно ќе се почитува темелната вредност на Уставот - соодветна и правична застапеност на етничките заедници“, рече Андоновски по денешната средба со новинарите.
Нагласи дека со тоа ќе се стави крај првично да се биде од некој етникум, а потоа да се биде професионалец во некоја област и да се има квалитет и образование. Стручноста, додаде, ќе биде пред изборот на етничка припадност.
„ Знам дека граѓаните имаат големи очекувања сите работи да биде направени брзо, но мислам дека за ова е потребна сеопфатна дискусија во рамки на Владата, да видиме кои се начините да не се повреди темелниот принцип на Уставот - соодветна и правична застапеност на заедниците, но во исто време прво да ја гарантираме мериторноста, ефикасноста, квалитетот, образованието и искуството на вработените, а не да го гледаме нивниот етнички предзнак“, изјави Андоновски.
Видете и ова: Ремонт на „балансерот“ за државно вработување или целосна замена?Тој посочи дека бројките во дигиталната алатка балансер од денеска веќе се променети за да одговараат на резултатите на резидентното население од Пописот во 2021 година.
„Тоа значи дека лицата попишани во држави во странство нема да бидат дел од дигиталната алатка балансер за вработување во Република Македонија. Времето на балансирање по етнички клуч останува во минатото и сето тоа со почитување на темелните вредности на Уставот,“ потенцираше Андоновски.
Според Рамковниот договор потпишан во Охрид во 2001 година, со кој се стави крај на конфликтот во Македонија меѓу припадниците на Ослободителната народна армија-ОНА и македонските вооружени сили, една од главните промени беше вработувањето по етнички клуч во јавната администрација.