Соединетите Држави го критикуваа новиот унгарски закон за суверенитет како антидемократски, откако Канцеларијата за заштита на суверенитетот покрена истрага против две надзорни организации за борба против корупцијата, вклучително и Транспаренси Интернешнл.
Законот, кој беше усвоен во декември 2023 година, забранува странско финансирање на партии или групи кои се натпреваруваат на избори и предвидува казна до три години затвор, пренесува Ројтерс.
Законот, исто така, формираше Канцеларија за следење на ризикот од политичка вмешаност.
Канцеларијата за заштита на суверенитетот во вторник (26 јуни) започна истрага против унгарскиот огранок на антикорупциската организација Транспаренси интернешнал (ТИ) и онлајн истражувачката куќа Atlatszo.hu, која се фокусира на корупцијата.
Во соопштението, американскиот Стејт департмент наведува дека е „длабоко загрижен“ од истрагите и ги нарече „драконски акции“.
„Обидот на унгарската влада да ги малтретира, заплаши и казнува независните организации е спротивен на принципите на демократско владеење вкоренети во владеењето на правото“, се вели во соопштението.
„Тој закон не ја ограничува Канцеларијата во таргетирањето на човековите права и основните слободи на сопствените граѓани и ја става на ризик секоја држава, деловен субјект или поединец што ќе одлучи да соработува со нив“, додаваат од Стејт департментот.
Видете и ова: Европските и локалните избори во Унгарија - тест за „суверенитетот“ на ОрбанЗаконот беше критикуван од американскиот Стејт департмент, како и од панел експерти за уставно право од Советот на Европа, кои рекоа дека тој може да има „застрашувачки ефект“ врз слободната и демократска дебата во Унгарија.
Европската комисија покрена постапка за прекршување на законот во февруари оваа година, наведувајќи дека тој потенцијално ги поткопува демократските вредности и основните права на Европската Унија.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан, кој е на власт од 2010 година ги отфрли обвинувањата дека ја поткопува демократијата во Унгарија по усвојувањето на законот.