Владата денеска на првата седница ќе ја разгледува информацијата за повисоки пензии. Станува збор за проект, ветен од новата власт пред изборите, со кој повеќе од 300 илјади пензионери треба да добијат повисоки пензии од септември.
Конструкцијата на проектот за зголемување на пензиите била финализирана на вчерашната средба на премиерот Христијан Мицкоски со министерката за финансии Гордана Димитриевска Кочовска и со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани.
Мицкоски на Фејсбук објави дека станува збор за реализација на изборно ветување кон пензионерите.
Тој во средата најави дека најверојатно ќе има две линеарни зголемувања на пензиите и тоа со нивелирањето во септември и уште едно во март. Зголемување на пензиите ќе биде вклучено во ребалансот на Буџетот, кој е најавен за средината на јули.
Видете и ова: Владата избрана - Мицкоски најавува фуриозен стартСо корекцијата што треба да се направи во септември, посочи вчеравечер министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, пензионерите ќе го добијат првото линеарно покачување од 2500 денари, а следното линеарно покачување, исто така, од 2500 денари ќе биде во март следната година.
Кочоска нагласи дека со ребалансот на Буџетот ќе треба да се обезбедат уште околу 80 милиони евра за да можат да се исплаќаат зголемените пензии. Од нив, како што кажа, околу 40 милиони евра се за линеарното зголемување, а останатите 40 милиони евра не биле предвидени од поранешната власт во Буџетот за годинава за непречена исплата на пензиите. Во фокусот на ребалансот, како што кажа, ќе бидат општините, пензиите, парите за плати, а се друго ќе се крати.