Европскиот совет ја усвои Стратешката агенда за ЕУ за следните пет години

илустрација

ЕУ мора да ја заврши својата домашна задача во процесот на внатрешни реформи, но исто така бара и од оние земји што сакаат да и се придружат да го спроведат нивниот дел во реформите за да постигнат напредок на полето на проширувањето, изјави претседателот на Европскиот совет.

Ова како што посочи претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел е дел од Стратешката агенда на блокот за периодот 2024-2029 година, која заедно со одлуката за носителите на врвните позиции на ЕУ, е усвоена од страна лидерите на земјите членки на Унијата на вчерашниот Самит на блокот.

„Одговорност на Европскиот совет е да ја утврди ориентацијата на ЕУ за следните пет години. Овој стратешки документ почнавме да го подготвуваме пред многу месеци, уште на Самитот во Гренада за време на шпанското претседателство, а сега решивме да го завршиме овој процес“, истакна Мишел на заедничка прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и белгискиот премиер и претседавач со Унијата, Александер де Кро по завршувањето на Самитот на ЕУ.

Мишел потенцира дека Стратешката агенда се базира на три столба – почитување на демократските вредности, зајакнување на конкурентноста како парадигма на економскиот развој и зголемен ефикасност на европската одбрана.

Видете и ова: Самит во Брисел - европските лидери ги бираат првите функционери на ЕУ

Фон дер Лајен го поздрави усвојувањето на Агендата, потенцирајќи дека таа претставува политички план што ги поставува правците и целите на Унијата за следниот институционален циклус. Таа нагласи дека едно од најважните прашања во Стратешката агенда се однесува на зајакнувањето на одбраната и безбедноста во услови на зголемени и досега не видени безбедносни закани и во услови на интензивна војна на европскиот континент.

Во однос на Украина, која исто така беше една од темите на Самитот, Мишел нагласи дека ЕУ потпиша договор за заеднички безбедносни обврски со Киев, што ќе овозможи поголема конкретна и одржлива поддршка за земјата, како и дека лидерите упатиле повик до Европската комисија, високиот претставник и Советот да работат во правец на утврдување на правниот аспект за исплата на финансиска помош за земјата.

Во врска со состојбата на Блискиот Исток, претседателот на Европскиот совет нагласи дека ЕУ секогаш ќе се залага за почитување на меѓународното и меѓународното хуманитарно право и од тој аспект го поддржува правото на Израел да се брани од нападите на Хамас, но исто времено бара и итен прекин на огнот, безусловно ослободување на сите заложници и овозможување на дистрибуција на хуманитарна помош во Газа, како и дека го поддржува решението за создавање на две држави.