Шпанскиот парламент ја отфрли иницијативата за признавање на Косово

Шпанскиот парламент во Мадрид (архивска фотографија)

Шпанскиот парламент во Мадрид (архивска фотографија)

Шпанскиот парламент со 25 гласа за, 293 против и 27 воздржани ја отфрли иницијативата за признавање на независноста на Косово.

Иницијативата пред шпанскиот парламент ја претстави партијата Заедно за Каталонија на чело со Карлес Пучдемон, а пред неколку дена за неа се одржа и собраниска расправа.

Во писмото што партијата го достави до парламентот, се споменува и одлуката на Меѓународниот суд на правдата, кој во 2010 година одлучи дека прогласувањето на независноста на Косово не е против меѓународното право.

Беше спомнат и фактот дека Косово е признаено од повеќе од 100 земји.

Видете и ова: Вучевиќ: Србија е подготвена за компромиси во однос на Косово

Во предлогот на партијата на Пуџдемон се наведува дека одбивањето на Шпанија да признае држава која го искористила своето легитимно право на самоопределување е пречка за европската политика за интегрирање на Западен Балкан во ЕУ.

„И тоа одбивање е дестабилизирачки фактор во оваа област, во контекст обележан со војната во Украина, која овој дел од Европа ја доживува со посебен страв“, се наведува во предлогот.

Шпанија е една од петте земји од Европската унија кои сè уште не ја признаваат независноста на Косово.

Се смета дека главната причина за непризнавањето е поврзана со ставот на Шпанија кон аспирациите на нејзиниот североисточен регион, Каталонија, да стане независен.

Регионот имаше неколку неуспешни обиди да се отцепи од Шпанија, а официјален Мадрид остро се спротивстави на овој потег.