Во отвореното писмо, американските организации за слобода на медиумите го повикаа американскиот претседател Џо Бајден да изврши притисок за новинарката на Радио Слободна Европа (РСЕ) Алсу Курмашева, која од минатата година е во руски затвор, да биде прогласена за „неправедно притворена“.
Курмашева, новинарка од Прага, која има двојно американско и руско државјанство, беше приведена на 18 октомври 2023 година, под обвинение за кршење на таканаречениот закон за „странски агенти“ и ширење лажни информации за руската војска.
Тие обвинувања би можеле да ја чинат десет години во руски затвор, потсетува редакцијата на РСЕ на англиски јазик.
Курмашева, нејзиниот работодавец и поддржувачите ги отфрлаат обвинувањата како политички мотивирани.
Американската влада и Бајден побараа нејзино итно ослободување, велејќи дека обвиненијата се казна за работата на Курмашева како новинар на РСЕ.
Видете и ова: Бајден повика на ослободување на затворените новинариИ покрај ова, американскиот Стејт департмент досега не ја означи како „неправедно приведена“ личност, потег што ќе го подигне профилот на случајот против неа и ќе го означи како политички мотивиран.
Во повикот, потпишан од Националниот прес-клуб, професионалното здружение на американски новинари и 18 други групи за слобода на медиумите, се вели дека двата претходни повици до Бајден и државниот секретар Ентони Блинкен да им дадат приоритет на случаите на приведените американски медиумски работници останале неодговорени.
„Стејт департментот има дел за случаи како оној на Алсу - Канцеларијата на специјалниот претседателски пратеник за прашања на заложниците“, велат потписниците на писмото, додавајќи дека Курмашева треба да биде прогласена за неправедно притворена.
„Таа ги исполнува сите критериуми. Тоа треба да се случи сега. Требаше да се случи пред неколку месеци“, се наведува во писмото.
Курмашева, која работеше за татарско-башкирската служба на РСЕ околу 25 години, го напушти чешкиот главен град во средината на мај 2023 година поради семеен итен случај во нејзиниот роден Татарстан.
Таа била накратко приведена додека го чекала повратниот лет на 2 јуни 2023 година на аеродромот во Казан, каде и биле одземени и пасошите и телефонот.
По пет месеци чекање за одлука за нејзиниот случај, Курмашева беше казнета со 10.000 рубли (112 долари) затоа што не го регистрирала американскиот пасош кај руските власти.
Бидејќи не можела да ја напушти Русија без патни документи, Курмашева повторно била уапсена во октомври, бидејќи „не се пријавила како странски агент“.
Два месеци подоцна, таа беше обвинета за ширење лаги за руската армија.
На 18 јуни, судијата Ризван Јусупов ја потврди минатомесечната одлука на окружниот суд во главниот град на Татарстан, Казан, за продолжување на нејзиниот притвор најмалку до 5 август.
Видете и ова: Рускиот суд повторно го продолжи притворот на новинарката на РСЕ, КурмашеваНа последното рочиште на 31 мај, Курмашева изјави дека здравствената состојба и е влошена и дека и е потребна операција.
„На владата на Алсу и требаше премногу долго да излезе и да каже дека нејзиниот притвор е погрешен“, се вели во писмото.
Меѓу потписниците се набљудувачите на медиумите и професионалните организации како Репортери без граници, Комитетот за заштита на новинарите, Здружението за слобода на печатот и Коалицијата за жени во новинарството.
Покрај Курмашева, во руските затвори има и други американски државјани за кои Вашингтон тврди дека се затворени неправедно или на сомнителни основи.
Аналитичарите и западните функционери ја обвинуваат Русија за насочен притвор на американски граѓани за потенцијална употреба во размена на затвореници или други геополитички цели.