Москва испрати околу 10.000 работници - мигранти во војната во Украина, објави шефот на рускиот Истражен комитет Александар Бастрикин.
Тој на 27 јуни на Меѓународниот правен форум во Санкт Петербург рече дека Москва го прави тоа за мигрантите да почнат да ја напуштаат Русија, пишува на РСЕ на англиски јазик.
„Најдовме трик што доведе до тоа мигрантите полека да почнат да ја напуштаат Русија. Почнавме да ги спроведуваме одредбите од Уставот и нашите закони дека лицата кои добиле државјанство мора да се пријават за воена служба и по потреба да учествуваат во специјална воена операција“, рече Бастрикин.
Видете и ова: Земјите кои граничат со Русија и Белорусија бараат повеќе пари од ЕУСпоред него, истражителите на неговиот оддел се занимаваат со воена регистрација, која вообичаено не е вклучена во надлежноста на Истражниот комитет.
„Веќе се фатени повеќе од 30.000 такви луѓе кои добиле државјанство, но кои не сакаат да аплицираат за воена служба. Тие се пријавени“, рече тој.
Од почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година, земјите од Централна Азија редовно известуваат дека Русија испраќа мигранти во војната кои бараат работа во таа земја.
Владите на тие земји ги потсетија граѓаните дека може да се сметаат за платеници доколку учествуваат во војната.
Бастрикин, кој е на чело на Истражниот комитет од 2011 година, постојано зборуваше против мигрантите и се залагаше за построга легислатива за мигрантите.
Неговите последни изјави доаѓаат во време на кампањата на руските власти против мигрантите од централноазиските земји, која започна по нападот на градското собрание во близина на Москва, во кој беа обвинети неколку имигранти од Таџикистан.