Двајца радикални конзервативни кандидати соопштија дека се повлекуваат од претседателската трка во Иран, со цел да ја обединат поддршката меѓу конзервативните гласачи пред утрешното гласање (28 јуни) за наследник на Ебрахим Раиси, кој загина минатиот месец, јави ДПА.
Градоначалникот на Техеран, Алиреза Закаани, денеска (27 јуни) го најави своето повлекување, еден ден по објавата на Твитер од страна на архиконзервативниот политичар Амирхосеин Газизаде Хашеми дека повеќе нема да биде кандидат за претседател.
Сга четворица кандидати остануваат во трката за наследник на Ебрахим Раиси. Изборната кампања формално заврши денеска изутрина.
Газизаде Хашеми беше еден од потпретседателите на Раиси и е претседател на Фондацијата за маченици и ветерани. Тој припаѓа на Фронтот за стабилност на Исламската револуција, политичка фракција лојална на конзервативното раководство на Исламската Република.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Вчера тој ги повика другите кандидати со слични политички ставови да се повлечат од трката, за поддршката да се насочи кон еден конзервативен кандидат.
Околу 61 милион гласачи се повикани да изберат наследник на Раиси. Советот на чуварите, исклучително конзервативно надзорно тело, одобри само шест кандидати за изборите.
Во конзервативниот камп се води борба за моќ меѓу Саид Џалили, поранешен преговарач во меѓународните нуклеарни разговори и претседателот на парламентот Мохамад Багер Галибаф.
Поранешниот министер за здравство Масуд Пезешкиан е единствениот умерен кандидат кој се смета дека има шанси за претседателската позиција. Покрај тројцата кандидати, во трката останува и свештеникот Мостафа Пурмохамади.