Државите членки на ЕУ, Полска, Естонија, Литванија и Летонија ја повикаа Унијата да обезбеди поголема поддршка за воената и цивилната заштита на нивните граници со Русија и Белорусија.
Во писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, четирите источноевропски земји кои се граничат со Белорусија, Русија или и двете, истакнаа дека „многу добро знаат што значи да се биде на првата линија на ЕУ“, повеќе од две години по руската инвазија на Украина во 2022 година.
Истакнувајќи ја „непоколебливата поддршка за Украина“, земјите порачуваат: „мораме да трошиме повеќе и да ги координираме одбранбените иницијативи внатре во ЕУ и со НАТО, кој останува основа на колективната одбрана, комбинирајќи ги нашите способности за заштита, одвраќање и одбрана на нашите граѓани и нашите територии“.
Видете и ова: Полска ќе инвестира 2,5 милијарди долари во границата со Русија и Белорусија„Ние сме жестоки поддржувачи на воените напори на Украина и интензивно вложуваме во нашите вооружени сили, одбранбената продукција и заштитата на нашите граници со Русија и Белорусија. Сепак, потребно е да се направи многу повеќе и тоа на усогласен начин“, се додава во писмото.
Меѓу другото, тие ги наведуваат „инструментализацијата на мигрантите, саботажите, дезинформациите“ како и кибер напади како специфични закани што доаѓаат од Русија и нејзината сојузничка Белорусија, што се прашања кои на крајот влијаат на целата ЕУ, рекоа тие во писмото кое го потпишаа полскиот премиер Доналд Туск, премиерката на Естонија Каја Калас, претседателот на Литванија Гитанас Науседа и премиерката на Летонија Евика Силина.
Полска и балтичките земји се меѓу најотворените поддржувачи на Украина по руската инвазија.
Нивното барање доаѓа во пресрет на денешниот Самит на лидерите на ЕУ, на кој треба да се договорат за распределбата на главните должности во Европската Унија по неодамнешните европски избори.