По повеќегодишен застој, Црна Гора ги одмрзна преговорите за членство во ЕУ и влезе во нова фаза од процесот.
Ова следува откако на Меѓувладината конференција помеѓу ЕУ и Црна Гора што се одржа денеска (26 јуни) во Брисел, беше усвоен Извештајот за оценка на исполнувањето на привремените одредници во поглавјата за владеење на правото (ИБАР).
Покрај ИБАР, на црногорската Влада во Брисел и беа претставени и конечните одредници за затворање на поглавјата што ќе доведе и до завршување на преговарачкиот процес за влез во ЕУ.
Белгиската министерка за надворешни работи Хаџа Лахбиб рече дека при неодамнешната посета на Подгорица ја видела решителноста на црногорските граѓани и власти да ја забрзаат интеграцијата.
Видете и ова: Договорени имињата за клучните функции во Брисел?ЕУ, додаде таа, очекува Црна Гора да продолжи да ги зајакнува независноста на судството и борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Европскиот комесар за проширување Оливер Вархељи изјави дека денешната Меѓувладина конференција е показател дека ЕУ е подготвена за натамошно проширување.
Тој нагласи дека пристапниот процес се заснова на заслуги и додаде дека е потребна континуирана политичка волја за продолжување на европскиот пат на Црна Гора.
Тој рече и дека Унгарија, која го презема претседавањето со Европската Унија, има амбициозен план кога е во прашање процесот на проширување.
„Очекувам дека Црна Гора ќе може да затвори голем број поглавја во следните шест месеци“, рече тој.
Премиерот на Црна Гора Милојко Спајиќ изјави дека Црна Гора чекала „11 години“ да го постигне овој резултат.
„Од јуни 2017 година, поминаа седум години без да видиме ни педа напредок. Нашиот пат беше дефакто запрен“, додаде тој.
Тој најави дека следните 18 до 24 месеци ќе бидат одбележани со технички напредок.
„Тоа е многу тешка, сизифовска работа. Се надеваме дека парламентот ќе продолжи да има разбирање и да не турка кон истата цел“, рече Спајиќ.
Тој заклучи дека не е само Црна Гора таа што денеска добила добри вести, туку и целиот Западен Балкан.
Видете и ова: Шаленберг: Неопходно е проширувањето на ЕУ да се турка напред поради безбедностаЗаедно со Србија, Црна Гора се смета за лидер во пристапниот процес.
Бидејќи преговорите за членство со Србија остануваат замрзнати затоа што Белград не воведе санкции кон Русија, Црна Гора се смета за најнапредната во процесот на пристапување во ЕУ.
На одржувањето на денешната меѓувладина конференција претходеше оценување од Европската комисија (ЕК), која заклучи дека Црна Гора ги исполнила привремените стандарди, постигнала добар резултат на ниво на усогласеност и напредувала во примената на acquis и стандардите на ЕУ во поглавјата 23 и 24.
Поглавјето 23 се однесува на правосудството и основните права, додека поглавјето 24 ги опфаќа правдата, слободата и безбедноста.
Тие две поглавја се првите што се отвораат во преговорите за членство и последни се затвораат.
Напредокот во поглавјата 23 и 24 е неопходен за да се отвори кое било друго поглавје, а евентуалниот ќор-сокак може да предизвика дури и назадување во процесот.
Во 2008 година, Црна Гора поднесе барање за кандидатски статус за полноправно членство во ЕУ.
Го доби во 2010 година, а пристапните преговори ги започна во 2012 година.
Во пристапните преговори досега ги отвори сите поглавја, а привремено затвори само три.