Земјите од Европската унија во средата (26 јуни) постигнаа договор за нови санкции против Белорусија поради војната во Украина со цел подобро да ги усогласат со мерките што веќе се воведени против Москва и да го запрат заобиколувањето на рестрикциите од страна на Русија.
„Амбасадорите на ЕУ начелно се согласија за нов пакет санкции против Белорусија“, објави Белгија, како земја претседавач со ЕУ, пренесе АФП.
„Овој пакет ќе ги зајакне нашите мерки како одговор на руската инвазија на Украина, вклучително и борбата против заобиколувањето на санкциите“, се вели во соопштението.
Европската унија (ЕУ) ја обвини владата на белорускиот лидер Александар Лукашенко, најблискиот сојузник на Кремљ, дека дозволила Белорусија да се користи како појдовна точка за руската инвазија на Украина.
Видете и ова: Русија извезува украинско жито како своеУсогласувањето на санкциите кон Белорусија со оние кон Москва се смета за клучно за запирање на протокот на забранети стоки во Русија, како што се микрочиповите, кои можат да се користат на бојното поле во Украина.
Официјални лица велат дека Белорусија делувала како „врата“ преку која стоките, кои се забранети за извоз во Русија, сепак, можеле да стигнат дотаму.
„Белорусија повеќе не смее да служи како пат за заобиколување на нашите санкции против Русија. Со овој пакет го зголемуваме притисокот врз двете земји и ги правиме нашите санкции против Русија уште поефективни“, порача шефицата на Европската Комисијата (ЕК), Урсула фон дер Лајен на мрежата Икс.
Пред да започне руската инвазија на Украина во февруари 2022 година, ЕУ веќе во неколку наврати воведе санкции за владата на Лукашенко поради задушувањето на протестите во оваа земја.
Кон Русија, пак, ЕУ досега воведе 14 пакети санкции поради нејзината воена инвазија во Украина.