Ердоган: Западот ги поддржува израелските планови за ширење на војната

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ги обвини западните сили дека ги поддржуваат, како што рече, израелските планови за напад на Либан и ширење на војната низ целиот регион, пренесува АФП.

„Израел сега го насочува своето внимание кон Либан и гледаме дека зад сцената западните сили го тапкаат по грбот на Израел, па дури и го поддржуваат“, изјави тој пред претставниците на неговата владејачка партија АКП.

„Плановите на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да ја прошири војната во регионот ќе доведат до голема катастрофа“, рече тој.

Ердоган рече дека „ е жално што земјите кои зборуваат за слобода, човекови права и правда се затвореници на ментално болни луѓе како Нетанјаху“.

Неговите забелешки следуваат по прекуграничните престрелки меѓу израелските сили и либанскиот Хезболах поддржан од Иран кои ги поттикнаа стравувањата дека регионот може да западне во војна од целосен обем.

Насилството на либанската граница избувна откако милитантите на Хамас започнаа напад без преседан на јужен Израел, предизвикувајќи масовна израелска одмаздничка операција, која е во тек.

Нетанјаху рече дека израелските сили сега го завршуваат најинтензивниот дел од војната во Газа и дека ќе се прераспоредат на северната граница, нарекувајќи го потегот одбранбен.

Минатата недела Израел рече дека неговите планови за офанзива во Либан биле „одобрени и потврдени“.

Видете и ова: Во израелски напад убиен висок командант на Хезболах во Либан

Забелешките на турскиот лидер се два дена откако министерот за надворешни работи Хакан Фидан ги предупреди Грција и Кипар да не се мешаат во актуелниот конфликт на Блискиот Исток.

Говорејќи за ТВ Хабертурк доцна во понеделникот, Фидан рече дека има „сериозна милитаризација во јужен Кипар“, која се користи како база за „разузнавачки и воени летови“ кон Газа.

„Турција ги предупреди да не се вклучуваат во конфликтот. Кога ќе се вклучите во тековните војни на Блискиот Исток, кога ќе заземете страна, овој оган ќе дојде и ќе ве најде и вас“, рече тој.

Минатата недела, лидерот на Хезболах, Хасан Насралах го предупреди Кипар да не ги отвора своите аеродроми и бази за Израел „за тој да не цели кон Либан“, и додаде дека ќе се соочи со одмазда. Но, кипарската влада во Никозија брзо негираше каква било вмешаност во војната на Израел во Газа и рече дека нема „да се меша во какви било воени конфликти“.