Во Русија денеска (26 јуни) почнува процесот против американскиот новинар Еван Гершкович, кој пред повеќе од една година беше уапсен под обвинение за шпионажа, јави ДПА.
Судскиот процес против дописникот на Волстрит џурнал ќе се води во Екатеринбург, 32-годишниот новинар ги негираше обвинувањата.
Портпаролот на Генералното обвинителство на Руската Федерација изјави дека, според истрагата, Гершкович собирал доверливи информации во корист на американската ЦИА. Американската влада ги негира наводите.
Видете и ова: За САД е „висок приоритет“ да присуствуваат на судењето на новинарот Гершкович во РусијаСпоред Кремљ, во тек се преговори за размена на затвореници за Гершкович.
Притворот на американски граѓани во Русија често резултира со сложени преговори меѓу Москва и Вашингтон за ослободување или размена.
Стејт департментот на САД во декември соопшти дека Москва ја одбила значајната понуда што ја дала за да обезбеди ослободување на Гершкович и Пол Вилан, уште еден Американец затворен во Русија под обвинение за шпионажа.
Друг државјанин на САД кој моментално го држат руските власти е Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа, која беше уапсена во Казан, главниот град на Руската Република Татарстан, во октомври 2023 година и обвинета за нерегистрирање како „странски агент“ и ширење невистини за руската војска.
Многу аналитичари и официјални лица сметаат дека Русија ги таргетира американските граѓани за притвор за потенцијална употреба во размена на затвореници или за други геополитички цели.