По повод четвртата година откако Ихар Лосик новинарот на Радио Слободна Европа е во затвор, белоруската опозициска лидерка Светлана Тихановскаја изјави дека Лосик е во самица веќе 16 месеци. Белоруски новинар отслужува 15-годишна затворска казна под обвиненија кои тој и другите велат дека се политички мотивирани.
"Пред четири години, новинарот Ихар Лосик беше уапсен во Белорусија. Немаше комуникација со него повеќе од 480 дена. Неговата ќерка Паулина живее со баба и дедо. Сакам да им се заблагодарам на сите кои ни се придружија во борбата за негово ослободување," напиша Тихановска на платформата „X“.
32-годишниот Лосик беше уапсен во јуни 2020 година, а во декември следната година беше осуден по повеќе обвиненија, меѓу кои „организирање масовни протести, учество во масовни немири, поттикнување омраза“ и неколку други обвиненија. Лосик тврди дека е невин и обвинувањата ги нарекува политички мотивирани.
Видете и ова: Човечката цена на уништувањето на независните медиуми во БелорусијаТој, како и 150 други политички затвореници, меѓу кои и Андреј Кузнечик, друг новинар на Радио Слободна Европа, ја отслужуваат казната во истиот затвор на северот на земјата, кој е познат како најозлогласениот казнено-поправен дом во Белорусија.
Работната група на Обединетите нации во октомври 2023 година откри дека Белорусија го прекршила меѓународното право за човекови права со затворањето на Лосик, заклучувајќи дека неговото затворање се засновало „само на неговата новинарска активност и неговото користење на правото на слобода на изразување и собирање“.
Родителите на новинарот на РСЕ претходно изјавија дека последното писмо од нивниот син го добиле на 20 февруари 2023 година. Неговата сопруга Дарија беше осудена во јануари 2023 година под обвинение за овозможување на екстремистички активности. Обвинението произлезе од нејзиното интервју за полската телевизија, која Минск ја прогласи за екстремистичка група.
Американскиот Стејт департмент, Хелсиншкиот комитет, американски и европски политичари, како и бројни други постојано повикуваа на итно ослободување на Лосик.
Освен Лосик и Кузњечик, неправедно во затвор во моментов се уште двајца новинари на Радио Слободна Европа, Алсу Курмашева и Владислав Јесипенко. Групите за човекови права и РСЕ постојано повикуваа на нивно ослободување.