Вучевиќ: Србија е подготвена за компромиси во однос на Косово

Српскиот премиер Милош Вучевиќ

Новата влада на Србија е подготвена да направи „компромиси“ во однос на Косово, изјави српскиот премиер Милош Вучевиќ во интервју за Агенцијата Франс Прес на 25 јуни.

Во пресрет на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти на 26 јуни во Брисел, Вучевиќ изјави дека Белград е подготвен да преговара.

„Подготвени сме да правиме договори и компромиси, компромиси кои значат дека ниту една страна не е апсолутен победник или апсолутен губитник“, рече тој.

Тој додаде дека „ништо друго не може да биде одржливо на долг рок“.

Дијалогот меѓу Србија и Косово за нормализација на односите, кој се води под покровителство на Европската унија од 2011 година е во застој.

Видете и ова: Вучиќ и Курти ќе се сретнат на 26 јуни во Брисел

Последен пат Курти и Вучиќ се сретнаа во Брисел на 14 септември 2023 година, кога разговараа за спроведувањето на Договорот на патот кон нормализација на односите, но оваа средба не резултираше со напредок.

Неколку дена подоцна, на 24 септември, група вооружени Срби ја нападнаа косовската полиција во селото Бањска во Звечан на северот на Косово, а во таа прилика беше убиен и еден косовски полицаец. Во судирите загинаа и тројца српски напаѓачи.

Косово ја обвинува Србија дека стои зад нападот, но, Белград негираше вмешаност.

Оттогаш, и покрај напорите на Западот, Курти и Вучиќ не се сретнаа за да разговараат за спроведувањето на договорот.

Овој договор, кој беше постигнат минатата година, не е потпишан од страните, но ЕУ вели дека е правно обврзувачки за Косово и Србија. Косово бара да се потпише договорот, а Србија одбива.

Договорот од 11 члена, меѓу другото, предвидува и ниво на самоуправување на српската заедница на Косово и меѓусебно признавање на државните симболи, а Приштина и Белград се обврзани да ги спроведат сите претходни договори постигнати за време на дијалогот.