Затворањето на преминот Рафа спречи најмалку 2.000 евакуации од Газа

Чад по нападот на Рафа на 22 јуни 2024 година.

Затворањето на граничниот премин Рафа меѓу Египет и Газа спречи медицинска евакуација на најмалку две илјади пациенти, изјави претставник на Светската здравствена организација (СЗО), повикувајќи на повторно отворање на Рафа и другите премини.

„Пред затворањето, приближно 50 критични пациенти дневно ја напуштаа Газа. Тоа значи дека од 5 мај, најмалку две илјади луѓе не можеа да ја напуштат Газа за да добијат медицинска нега“, рече Рик Пиперкорн, претставник на СЗО на Западниот Брег и Газа.

Преминот Рафа беше главниот канал за евакуација, како и пристигнување на хуманитарна помош во војната што започна на 7 октомври меѓу Израел и Хамас, кои САД и ЕУ ги прогласија за терористичка организација. Преминот беше затворен кога Израел започна операција во јужниот дел на Газа во мај.

Видете и ова: Во израелски напади загинале 24 лица, меѓу нив и членови на семејството на лидерот на Хамас

Оттогаш, борбите се фокусирани на Рафа, област каде што речиси половина од 2,3 милиони луѓе во Газа се засолниле откако ги напуштиле своите домови.

Соединетите држави, Египет и Катар одржаа разговори кон крајот на минатата недела со цел повторно отворање на преминот и зголемување на протокот на хуманитарна помош. Но, преминот, од кој Египет бара повлекување на израелската армија, останува затворен.

Евакуацијата е неопходна за најмалку 10.000 луѓе од Газа, рече Пиперкорн, додавајќи дека бројката е потценета во споредба со реалниот број на луѓе на кои им е потребна итна медицинска помош за воени повреди и хронични болести.

„Потребни ни се повеќе правци за итна медицинска евакуација“, рече претставникот на СЗО, додавајќи дека би сакале да видат отворени други правци за носење пациенти во Источен Ерусалим или Западниот Брег.

Најмалку 24 лица загинаа во три одделни воздушни напади утрото на 25 јуни во Газа. По повеќе од осум месеци војна, меѓународните напори за постигнување договор не донесоа резултати. Хамас вели дека секој потенцијален договор мора да доведе до крај на војната, додека Израел вели дека ќе се согласи само на привремени паузи во борбите додека Хамас не биде искорен.

Војната започна кога милитантите на Хамас започнаа напад на 7 октомври во кој загинаа 1.200 луѓе и зедоа 250 заложници. Во израелските одмазднички напади оттогаш загинаа повеќе од 37.658 луѓе, според Министерството за здравство на Газа предводено од Хамас.