Андон Чибишев е новиот директор на Клиниката за токсикологија, а утре ќе биде назначен и нов директор на Клиниката за онкологија, изјави денеска министерот за здравство Арбен Таравари.
„Се надевам дека утре ќе го назначиме и новиот директор на Онкологија бидејќи таму решението за в.д. директорката е поминато кон средината на јуни. На Неврологија, нов директор е поранешниот министер за здравство Фатмир Меџити“, изјави Таравари.
Министерот за здравство потврди дека се сменети организациските директори на девет клиники, меѓу кои и на Токсикологија. Потврди дека се пронајдени неправилности во работењето на економската директорка Бесија Иљази на Токсикологија.
Видете и ова: Таравари го почна мандатот со разрешување на организациските директори„Најверојатно да, службите го имаат тоа. Секако дека ние одлучивме веднаш да се разреши и да се назначи нов директор. Нема веќе да има економски директори, тоа е целта“, рече Таравари.
Од Министерството за здравство за Македонската информативна агенција (МИА) велат дека разрешени се и економските директори во Скопје на Универзитетскиот стоматолошки клинички центар „Свети Пантелејмон“, Универзитетската клиника за психијатрија, Клиниката за физикална медицина и рехабилитација, Клиниката за неврологија, Универзитетската клиника за хирургија на лице, вилици и врат - максилофацијална хирургија - академик Илија Васков, Универзитетската клиника за дерматологија, Универзитетската клиника за ревматологија, Клиниката за ендокринологија, дијабетес и метаболични нарушувања, како и на психијатриската болница „Скопје“.
Разрешен е и медицинскиот директор на Општата болница „Ферид Мурад“ во Гостивар.
Новиот министер за здравство Арбен Таравари, вчера на првиот работен ден најави разрешување на сите организациски директори во Универзитетски клинички комплекс „Мајка Тереза“. Тој посочи дека во следните два месеци ќе бидат разрешени сите организациски директори и дека повеќе нема да постои функцијата економски (организациски) директор, односно на клиниките ќе има само еден директор.
Според последните податоци од Министерството за здравство како вршители на должноста економски директори се вкупно 14. Останатите се со активен мандат.