Атина: Скопје го прекрши Преспанскиот договор

Знамиња на Грција и Северна Македонија

Грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис смета дека пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ ќе биде „незамисливо и неприфатливо“ без нејзиното „целосно и безусловно“ почитување на меѓународното право, вклучително и договорот за името со Грција, јавува новинската агенција Асошиетет прес.

Герапетритис изјавил дека новото раководство на Северна Македонија „одлучи, систематски и настојчиво, да не го користи името Северна Македонија за домашна употреба односно во домашниот јавен дискурс.

„Ова е јасно прекршување на (договорот со Грција) кој повикува на употреба на името Северна Македонија и на домашен и на меѓународен план“, изјави Герапетритирс, пренесува Асошиетет прес.

Видете и ова: Владата избрана - Мицкоски најавува фуриозен старт

Оваа реакција на Атина доаѓа на еден ден откако македонското собрание ја изгласа новата Влада предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.Откако беше изгласана Владата, премиерот Мицкоски и министрите дадоа и свечена изјава.

Во неа, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го користеше уставното име Република Северна Македонија, за што се осврна и во завршното обраќање.

„Ќе ја кажам срамната придавка при заклетвата затоа што ме потсетува на срамот што го нанесовте на мојата татковина, на моето семејство, на моите неродени внуци. Ќе правам се што можам додека сум жив оваа неправда да ја исправам. За жал, во овој момент сум немоќен. Во овој момент ќе морам да капитулирам како човек пред вас и да ја кажам“, рече Мицкоски.

Според Атина, македонската влада го прекршила историскиот договор за името на земјата, предупредувајќи дека тоа може да им наштети на нејзините надежи еден ден да се приклучи на Европската унија.

По шест години од потпишувањето на Преспанскиот договор, уставното име на Северна Македонија се врати во фокусот на надворешната политика на земјава откако ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи на парламентарните и претседателските избори на 8 мај.

Владите на Зоран Заев (СДСМ) и на Алексис Ципрас (Сириза) го потпишаа Договорот од Преспа во јуни 2018 година.