Смртоносен напад врз синагога и црква во Дагестан

Вооружен напад во Дагестан

Во Дагестан на 24 јуни започна тридневна жалост по нападот на богослужба во кој загинаа 20 лица, соопшти Истражниот комитет на Русија. Рускиот истражен комитет соопшти дека загинале 15 полицајци и четворица цивили.

Вооружени лица со автоматско оружје претходниот ден упаднале во православна црква и синагога во античкиот град Дербент, запалиле икона во црквата и го убиле 66-годишниот православен свештеник Николај Котелников.

Во градот Махачкала, на околу 125 километри северно на брегот на Каспиското Море, напаѓачите пукале во станица на сообраќајната полиција и нападнале црква. Петмина напаѓачи се убиени.

Видете и ова: Непознати напаѓачи убиле неколку полицајци и свештеник во Дагестан


Дирекцијата на Истражниот комитет на Русија за Република Дагестан соопшти дека отворила истрага за тероризам за нападите според Кривичниот законик на Руската Федерација.

„Се утврдуваат околностите на настанот и лицата инволвирани во терористичките напади, а нивните дејствија ќе се оценуваат законски“, е наведено во соопштението.

Засега ниту една организација не ја презеде одговорноста за нападите, кои се случија три месеци откако огранок на таканаречената милитантна група Исламска држава ја презеде одговорноста за нападот во салата „Крокус Сити“ во близина на Москва, во кој загинаа повеќе од 140 луѓе.

Руските власти соопштија дека вооружените лица во Дагестан биле „поддржувачи на меѓународна терористичка организација“.