Новиот министер за здравство Арбен Таравари, на првиот работен ден најави разрешување на сите организациски директори во Универзитетски клинички комплекс „Мајка Тереза“. Тој посочи дека во следните два месеци ќе бидат разрешени сите организациски директори и дека повеќе нема да постои функцијата економски (организациски) директор, односно на клиниките ќе има само еден директор. Според последните податоци од Министерството за здравство како вршители на должноста економски директори се вкупно 14. Останатите се со активен мандат.
„Денеска се разрешуваат одреден број економски директори на коишто им завршува в.д. мандатот некаде до средина на јули. Сите ќе бидат разрешени. Тие што се со мандат, ќе ми треба измени во законот и веќе е дадена наредба што побргу да оди во Парламент измената на законот, да нема повеќе економски директори. Сметајте, за еден-два месеца веќе ќе нема економски директори ниту со закон“, изјави Таравари кој по преземањето на функцијата министер беше во посета на хируршките сали на Клиниката за ТОАРИЛУЦ.
Тој додаде дека за оние економски директори што имаат мандат до август или септември, по правни консулатиции ќе донесе одлука како ќе постапи, затоа што, како што вели, не сакал да ризикува тужби за Министерството.
„Овие денови ќе назначиме медицински директори на оние клиники каде нема“, изјави Таравари додавајќи дека тоа ќе се однесува и на Клиниката за токсикологија.
Економските директори во клиниките беа воведени пред 17 години. Во 2006 година, откако ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт, скопскиот Клинички центар беше поделен на 32 клиники, со 56 директори и 142 члена на управни одбори.
Тоа беше направено по примерот на менаџирање во банките, па истиот систем се преслика и во јавното здравство - да има еден директор за медицинскиот аспект, и втор за административниот и за финансискиот дел од работата.
Пред да дојде на власт, СДСМ увиде дека тоа е проблем - па во програмата за вонредните парламентарни избори во 2016 година напиша дека ќе ги укине економските директори. И тоа со конкретен рок, до 1 декември 2017 година. Тоа не се случи. Арбен Таравари како министер во 2017 година, разреши неколку директори, но системот не го укина. Тоа не го направија ни неговите наследници Беким Сали и Венко Филипче.