Американската амбасадорка во Скопје Анџела Агелер денеска го честиташе изборот на новата Влада. Таа на нејзиниот профил на социјалната платформа „Х“ порано позната како Твитер напиша дека со нетрпение го очекува придвижувањето на земјата напред на нејзиниот евроатлантски пат.
„Честитки за формирањето на новата влада. Додека премиерот и неговиот кабинет ја преземаат функцијата, со нетрпение очекуваме да го продолжиме нашето партнерство во зајакнувањето на владеењето на правото, подобрувањето на економијата, енергетиката и развојот на инфраструктурата, социјалните структури и придвижувањето на земјата напред на нејзиниот евроатлантски пат“, напиша Агелер.
Видете и ова: Прв работен ден за новата Влада – резултати или само ротација на кадри?
Пратениците со 77 гласа „за“ и 22 „против“ на 23 јуни ја изгласаа новата Влада на Северна Македонија, предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Со Мицкоски на премиерската позиција, во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери. 16 од членовите на владиниот кабинет, вклучувајќи го и премиерот, се од редовите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и двајца од политичката партија ЗНАМ.