Русија соопшти дека Соединетите Држави се одговорни за украинскиот ракетен напад на полуостровот Крим, окупиран од Русија.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека нападот во неделата (23 јуни) вклучувал пет ракети со поголем дострел што САД почнаа да и ги испорачуваат на Украина оваа година.
Според Министерството за одбрана, четири проектили ATACMS биле соборени од руската противвоздушна одбрана, додека петтата ракета експлодирала во воздух.
Русија тврди дека при паѓање на делови од ракети во близина на југозападното пристаниште Севастопол загинале четири лица, меѓу кои две деца, а 151 лице биле повредени.
Гувернерот на Севастопол, Михаил Развозаев изјави дека загинале пет лица.
Видеата емитувани на руските медиуми и објавени на социјалните мрежи покажуваат луѓе кои трчаат на безбедно и повредени луѓе се евакуирани од плажата, наводно, на северната страна на градот, која е популарна туристичка дестинација и дом на руската Црноморска флота.
Во 2014 година, Русија незаконски го анектира полуостровот Крим на Украина и таму воспостави локална власт, иако територијата сè уште е официјално дел од Украина.
Видете и ова: Неколку мртви во руските напади врз Украина, Киев започна контранападиОд почетокот на руската целосна инвазија на Украина во 2022 година, Киев вети дека ќе ја врати контролата врз својата територија и ги гаѓаше клучните руски воени и поморски цели на Крим.
Руското Министерство за одбрана тогаш ги обвини САД, тврдејќи дека американски експерти ги поставиле координатите на летот на ракетите врз основа на информациите собрани од американските сателити.
„Одговорноста за намерниот ракетен напад врз цивилите во Севастопол е првенствено на Вашингтон, кој го испорачуваше ова оружје на Украина и на режимот во Киев, од чија територија беше извршен овој напад“, соопшти Министерството.
Министерството за одбрана вети дека ќе одговори на нападот, но не соопштува детали.
Ниту Вашингтон, ниту Киев не го коментираа нападот, кој дојде додека Русија продолжува да ја бомбардира енергетската инфраструктура на Украина и да го напаѓа североисточниот украински град Харков, во близина на границата со Русија.
Најмалку две лица загинаа, а повеќе од 50 се повредени во саботата кога руска бомба погоди станбена зграда. Воздушните напади продолжија и во неделата, при што едно лице беше убиено.
Според Институтот за проучување на војната (ISW), руските воени блогери остро го критикувале руското Министерство за одбрана и окупаторските власти на Крим по ракетниот напад во близина на Севастопол.
Во извештајот на Институтот од 23 јуни, се наведува дека „руски извори ги критикуваат руските власти за недоволната употреба на воздушни сирени за предупредување цивилите да бараат засолниште“.
Институтот, исто така, рече дека руските власти биле критикувани за „неоткривање и уништување на сите проектили пред да се приближат до Севастопол“.