Советот на ЕУ го усвои 14-тиот пакет санкции против Русија

илустрација

Советот на Европската Унија го усвои 14-тиот пакет санкции против Русија, кој вклучува рестриктивни мерки против дополнителни 116 физички лица и субјекти.

Со новоусвоените мерки се забрануваат инвестиции за завршување на проектите за течен природен гас во изградба.

„Санкциите им забрануваат на медиумите на ЕУ, политичките партии и аналитичките организации да добиваат средства од руски извори. Воведени се и мерки против компании од Кина, Казахстан, Киргистан, Турција и Обединетите Арапски Емирати поради заобиколување на санкциите против Русија“, се вели во соопштението.

Во соопштението се нагласува дека Советот на ЕУ ги задолжува европските компании да се погрижат нивните партнери во трети земји да не ги прекршуваат европските санкции.

„ЕУ ја ограничува регистрацијата на нејзините права на интелектуална сопственост во блокот на граѓаните и компаниите на Русија“, се наведува во соопштението.

Според соопштението, новиот пакет ги проширува личните ограничувања за да вклучи 116 поединци и организации „одговорни за дејствија кои го поткопуваат или загрозуваат територијалниот интегритет, суверенитет и независноста на Украина“.

Во соопштението, исто така, се наведува дека ЕУ ќе ги забрани руските услуги за претовар на ЛНГ на територијата на ЕУ за натамошен транспорт до трети земји, за да се осигура дека капацитетите на ЕУ не се користат за претовар на руски течен природен гас (ЛНГ) во трети земји и со цел да се намали значителен приход што Русија го остварува од продажба и транспорт на течен природен гас.

Видете и ова: Русија извезува украинско жито како свое

ЕУ им забрани на компаниите да користат „Систем за финансиски пораки“ (SPFS), специјализирана услуга за финансиски пораки развиена од Централната банка на Русија „за да го неутрализира ефектот на рестриктивните мерки“.

„Со оглед на континуираните обиди на Русија да се меша во демократските процеси во ЕУ и да ги поткопува нејзините демократски основи, вклучително и кампањи за влијание и промовирање на дезинформации, Советот одлучи политичките партии и фондации, како и невладините организации, вклучително и тинк-тенкови, или давателите на медиумски услуги во ЕУ, повеќе да не смеат да прифаќаат средства кои доаѓаат од руската држава и нејзините полномошници“, се додава во соопштението.

ЕУ, исто така, воведе санкции за руската „флота во сенка“, односно „специфични бродови“ кои придонесуваат за војната во Украина, кои се насочени против 27 бродови, и ги прошири ограничувањата за увозот на хелиум од Русија и извозот на манганова руда, пластика и електронска опрема.