Шефовите на дипломатиите од Западен Балкан на заседание на Советот за надворешни работи на ЕУ во Луксембург

илустрација

Шефовите на дипломатиите на земјите од Западниот Балкан денеска во Луксембург ќе учествуваат на заседанието на Советот за надворешни работи на ЕУ (ФАК), во делот на кој ќе се разговара за состојбата во регионот, јави МИА.

Како што соопшти белгиското претседателство со ЕУ, во делот од состанок на ГАК посветен на Западниот Балкан, министрите за надворешни работи на земјите членки на Унијата ќе разменат мислења со нивните колеги од Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија и Косово.

Покрај за Западниот Балкан, Советот за надворешни работи ќе расправа и за руската агресија врз Украина, состојбата на Блискиот Исток, случувањата во Грузија и за соработката со земјите од Регион на Големите езера во Африка.

Заседанието ќе започне со расправа за најновите случувања на теренот во Украина, во чии рамки европските шефови на дипломатии ќе имаат неформална размена на мислења преку видео конференциска врска со нивниот украински колега Дмитро Кулеба.

Во врска со руската агресија врз Украина, членовите на ГАК ќе дискутираат за ситуацијата на Блискиот Исток во светло на неодамнешните случувања, по што ќе им се приклучат министрите за надворешни работи од земјите од Западниот Балкан на размена на мислења за состојбата во регионот.

Видете и ова: ЕУ официјално ги одобри преговорите за членство на Украина и Молдавија

Своето заседание, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе го продолжат со дискусија за неодамнешните случувања во Грузија, поврзани со усвојувањето на законот за „странски агенти“ што предизвика антивладини протести во земјата.

Заседанието на ГАК ќе заврши со расправа за африканскиот Регион на Големите езера од аспект на Стратегијата на ЕУ усвоена минатата година.

Со Советот ќе претседаваат високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и белгиската министерка за надворешни работи, европски прашања, надворешна трговија и федерални културни институции Хаџа Лабиб.