Најмалку 15 полицајци биле убиени вечерта на 23 јуни кога вооружени напаѓачи отвориле оган врз синагога, православна црква и полициска станица во одделни напади во градовите Дербент и Махачкала во рускиот севернокавкаски регион Дагестан, соопштија руските власти.
Интерфакс пренесува соопштение од прес-службата на Министерството за внатрешни работи на Дагестан, која на Телеграм објави дека во нападите загинале шест полицајци, а 12 се ранети.
Портпаролката на Министерството Гајана Гариева изјави за РИА Новости дека во Дербент е убиен и 66-годишен свештеник.
„Вечерва во градовите Дербент и Махачкала беа извршени вооружени напади врз две православни цркви, синагога и полициска станица“, се наведува во соопштението на Националниот антитерористички комитет за РИА Новости.
Се додава дека „како резултат на терористички напади, според прелиминарните информации, загинале свештеник на Руската православна црква и полицајци“.
По нападот избувнал пожар во синагогата, а напаѓачите побегнале со автомобил.
„Гори синагогата во Дербент“, изјави на Телеграм Борух Горин, претседател на Јавниот совет на Руската Федерација на еврејските заедници.
Рускиот истражен комитет соопшти дека отворил кривични истраги за „терористички акти“, додека потрагата по вооружените напаѓачи е во тек.
„Сите безбедносни сили се алармирани“, рече Ахмед Кулиев, вршител на должноста градоначалник на Дербент, кој е дом на древна еврејска заедница и светско наследство на УНЕСКО.
Видете и ова: Антисемитските испади во Северен Кавказ го разоткриваат „опасното“ балансирање на Москва за војната во ГазаНападот на полициската станица се случи во Махачкала, главниот град на Дагестан, 125 километри северно од Дербент. Непознати напаѓачи нападнале контролен пункт на сообраќајната полиција, јавуваат руските медиуми.
„Двајца напаѓачи се убиени во Махачкала“, соопшти Министерството за внатрешни работи на Дагестан.
Руските агенции јавија и дека во Махачкала се воделе улични борби.
Гувернерот на Дагестан Сергеј Меликов на Телеграм изјави дека нападот бил обид да се дестабилизира ситуацијата во регионот
Дагестан, регионот во кој живее претежно муслиманско население, е еден од најсиромашните во Русија.