Новоизбраниот премиер Христијан Мицкоски денеска (24 јуни) во 10 часот , во Владата на Реепублика Северна Македонија ќе ја преземе функцијата од досегашниот технички претседател на Владата, Талат Џафери.
Како што соопшти владината прес-служба, Мицкоски и Џафери ќе имаат кратка средба.
Функциите од своите претходници денеска ќе ги преземат и новоизбраниот вицепремиер за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи, министерот за одбрана Владо Мисајловски и министерот за здравство Арбен Таравари.
Видете и ова: Владата избрана - Мицкоски најавува фуриозен стартПратениците со 77 гласа „за“ и 22 „против“ синоќа (23 јуни) ја изгласаа новата Влада на Северна Македонија, предводена од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Со Мицкоски на премиерската позиција, во Владата ќе има 23 министри, а од нив пет ќе бидат и вицепремиери.
Шеснаесет од членовите на владиниот кабинет, вклучувајќи го и премиерот, се од редовите на коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шестмина се од коалицијата „Вреди“ (ВЛЕН) и двајца од политичката партија ЗНАМ.
Во пресрет на изборот на новата Влада, Христијан Мицкоски во улога на пратеник до Собранието предложи законски измени со кои се воведоа нови и реорганизираа дел од постоечките министерства.