Силно невреме проследено со силен ветер, грмотевици и град на некои места вечерва (23 јуни) го зафати регионот на Скопје.
Од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) информираат дека поголема нестабилност го зафатила западниот дел на Скопје од каде невремето слабо се движи кон север и североисток.
Невремето предизвика и прекин во напојувањето со електрична енергија во Собранието поради што кратко беше прекината и седницата за избор на новата влада.
„Од невремето кое вечерва го зафати Скопје во оперативниот центар на ЦУК стигнаа околу 70 пријави од 112 кои претежно се за паднати дрва во општините Аеродром, Гази Баба и Центар. Има и пријави за поплавени подруми и улици во Бутел и Ѓорче Петров. Сите пријави се пренесени на надлежни институции“, велат од Центарот за управување со кризи (ЦУК)
Во населбата Автокоманда паднал и дел од ограда и рекламно пано од железничкиот мост. Оградата паднала врз две возила во движење, но во ЦУК досега немаат информации за повредени лица.
Видете и ова: Силно невреме го зафати ТетовоВо Тетовско има заглавено семејство во куќа
Невремето го зафати и тетовскиот и гостиварскиот регион.
Од ЦУК информираа дека големото количество поројни води предизвикало поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на Тетово.
Од противпожарната бригада во Тетово бараа да се исклучи и струјата го градот поради ризик од струен удар. Како што соопштија од ЦУК, од ЕВН ги информирале дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба.
Во тетовскиот регион, како што информираа од ЦУК, во поплавена куќа во селото Сиричино, Општина Јагуновце, има заглавено семејство и пожарникарите работат на нивно извлекување.
Проблеми на патиштата
Од ЦУК информираа и дека на патниот правец Скопје-Тетово-Гостивар на повеќе места има одрони и свлечишта, посебно во делот од патарината „Глумово“ до Карпалак и Групчин.
Од АМСМ, пак, информираа и дека поради обилните врнежи и блокираните сообраќајници, сообраќајот од правец од Велес кон Скопје и од правец од Куманово кон Скопје се пренасочува од Хиподром кон обиколницата.
Оттаму додаваат дека регионалниот пат од село Желино кон село Сиричино е блокиран во двата правци.