Силно невреме попладнето на 23 јуни го зафати Тетово поради што поплавени се десетици објекти, а пожарникарите бараат да се исклучи електричната енергија во целиот град, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК).
„Командирот на ТППЕ Тетово бара да биде исклучена струјата во цело Тетово бидејќи според него ризикот од струен удар по граѓаните и пожарникарите е многу висок поради тоа што се поплавени подрумските простории на повеќе куќи и објекти“, велат од ЦУК.
Оттаму додаваат дека стапиле во контакт со ЕВН и ги информирале дека ќе ја исклучуваат струјата улица по улица и населба по населба.
Невремето започнало околу 16:30 часот. Било проследено со дожд, силен ветар и грмотевици.
Видете и ова: Преку ден топло до 39 степени, попладне можен пороен дождСпоред ЦУК, големото количество поројни води предизвикале поплавување на дворови и подруми на повеќе од педесетина куќи и објекти во пониските делови на градот.
Противпожарните екипи од Тетово и јавните комуналните претпријатија се на терен и вршат пунктирање на водата од објектите.
„Силниот ветер и градот направија штети и на земјоделските култури и овошните насади, но и штети во урбаните средини - оштетени кровови, канделабри, пластифицирани настрешници, возила… Штетите ќе се проценуваат дополнително“, велат од ЦУК.
Претходно, Управа за хидрометеоролошки работи (УХМР) најави дека во попладневните часови на 23 јуни се очекуваат поројни дождови и невреме во делови од државата.
Според прогнозите оттаму, и од утре односно во текот на следната недела, претежно во попладневните часови, ќе има почеста појава на пороен дожд и грмежи.