Митрополитот Јонафан од Украинската православна црква (УПЦ), кој во август лани беше осуден на затворска казна од пет години за поддршка на руската инвазија на Украина, е ослободен од затвор и ќе биде испратен во Москва по интервенција на московскиот патријарх Кирил, од Руската православна црква (РПЦ).
Информацијата ја објави РПЦ на 22 јуни, пренесе рускиот сервис на РСЕ.
Митрополитот Јонафан беше обвинет за дистрибуција на проруски летоци до верниците, објави на веб-страницата на епархијата за супериорноста на УПЦ над Православната црква во Украина (ПЦУ) и за поддршка на руската инвазија.
Видете и ова: Украина на чекор да забрани цркви поврзани со РусијаНа 8 август тој беше осуден на пет години затвор откако судот во украинскиот град Виница го прогласи за виновен по четири точки од обвинението, меѓу кои и повикување на повреда на територијалниот интегритет на Украина, дејствување против уставниот поредок на земјата и прекршување на правата на граѓаните.
Тој беше првиот поглавар на епархијата на УПЦ кој беше осуден за време на извршување на функцијата.
Поранешниот митрополит Јосаф претходно беше осуден на три години затвор поради ширење проруска пропаганда.
Јонафан беше во домашен притвор откако поднесе жалба на казната, а наводно доживеал срцев удар за време на притворот. На 18 јуни, Апелациониот суд ја отфрли жалбата и ја потврди првичната казна.
УПЦ соопшти дека Јонафан го загубил украинското државјанство и „наскоро ќе пристигне во Москва“, не давајќи дополнителни детали за неговото ослободување.
УПЦ е една од двете најголеми православни религиозни организации во Украина, заедно со автокефалната ПЦУ, која стекна независност од РПЦ во 2019 година.
Пред почетокот на војната беше наречена Украинска православна црква на Московската патријаршија. Но, по руската инвазија, УПЦ прогласи „независност“ од Московската патријаршија, но таа никогаш не беше правно формализирана.
Украинските власти сметаат дека одреден број свештеници и архиепископи на УПЦ заземаат проруски ставови и ги обвинуваат за антидржавни активности.